Пано Ивчев бил најстариот касап во Велес
Во старата велешка чаришија постоеле триесетина дуќани на касапи поточно месарници. Месарите , покрај што продавале свинско, говедско, овчо, јагнешко и јарешко месо биле и големи мајстори, касапи и сопственици на стада на разновиден добиток. Тие свои дуќани имале и за време на турско и за бугарско и за српско. Најстар мајстор касап бил Пано Ивчев.
Тој со синот Форо прво имале мал дуќан по кој, пред Првата светска војна, го отвориле вториот поточно поголем, современ дуќан на главната градска улица. Нивната месара се наоѓала, веднаш до зградата на Општината, на местото на поранешна НАМА. Во неа секогаш имало разни видови на месо. Месарата со големи прозорци, била осветлена и што е најважно секогаш во неа месото било свежо и квалитетно.
Мајстор Пано, со калфите и чираците постојано бил во дуќанот. Синот Форо имал меѓу првите во Велес автомобил со личен возач. Тој одел по селата и купувал добиток. Така нивната месарница секогаш била обезбедена со свежо месо. Ивчеви имале полни раце работа и за време на стара Југославија.
„Дуќанот на прадедо ми Пано и дедо ми Форо, поседувале дуќан кој не само што бил најголем и најснабден туку бил и расадник на идните касапи и месари во Велес. Тајните на месарскиот занает ги научиле од Пано и Форо како и од Микарот. Во тоа време во Велес имало и многу други познати мајстори. Да се вратам на моите предци и да кажам дека и Пано и Форо биле добри домаќини и мајстори“, се присети деновиве внукот на Форо и правнук на Пано, Форо Ивчев.
Од него ги добив информациите дека дедо му Форо Ивчев во 1929 година со својот возач одејќи да пазари добиток од Башино Село, како и селата Новачани, Отовица, трагично загинал на железничкиот премин кај Железен мост. Во неговиот автомобил удрил возот кој се движел од Штип кон Велес.
Со дуќанот продолжил да работи татко му Пано се додека не починал.
Стоилко Андреевски