Игно, четвртото дете на трговското семејство на Тоде и Мица Виларови, во стар Велес и заслугите на внукот Славчо
Историјата на големото велешко семејство Виларови ќе ја продолжиме со лозата на Игно Вилар, четврто дете на Тоде и Мица Виларови. Игно се родил во 1827 година. Од мали нозе започнал да го учи татковиот занает, трговскиот. Со татко му и мајка му живееле во куќа во близина на Мегдан. Откако се оженил покрај трговија со вино, ракија и афионов катран, во месноста Виларови бавчи почнал со одгледување на свилени буби и производство на свила што во тоа време била многу барана на пазарите во Солун, во Истанбул, во Софија и во градови од Европа. Трговецот Игно, купил поголем број маски за транспортирање на свилата и други производи. Пренесувајќи стока на други трговци ја зголемувал печалбата на повеќе пари.
Така Игно Виларов станал богат и познат трговец како во Велес така и многу подалеку.
Тој работел чесно и бил прифатен од сограѓаните и граѓаните на соседните градови на Велес. Чесниот трговец на брзо се оженил и го создал семејството од четири синови: Симон, Милан, Ангел и Тоде како и три ќерки: Маре, Васа и Анисија.
Игно Виларов
Неговиот син Симон Вилар се оженил за Панка од велешкото семејство Матови со која ги добиле трите деца: Славчо, Миле и Николе. Вториот син Ангел Вилар се оженил и станал татко на ќерката Стојна, која се омажила во познатото семејство Шуркови и е мајка на синот Петре.Третиот син Тоде Вилар имал три ќерки. Првата Марија се омажила во Масларови, втората Родна во Влавчеви и третата Грозда во семејството на Алчеви. Таа родила син на кого му дала име Ордан. Четвртиот син, Милан Виларов како и најмладата ќерка Веса Виларова, починале многу млади. Но, лозата исто така ја продолжиле ќерките Марија Виларова која се омажила за Трајко Нецинов и имале два сина Ѓорѓи и Киро како и Анисија која му станала сопруга на Димко Купенков и ги родила двата сина, Трајко и Киро.
До 1928 година глава на семејството бил таткото Игно. Неговиот син Симон не го наследил татковиот занает. Кога станал полнолетен се вработил во најстарата велешка фабрика „Колска“. Покрај поправката на вагоните во фабриката тој со татка си им се посветиле и на земјоделсите работи. Симон во „Колска“ од калфа станал мајстор. Љубовта кон работата во фабриката за поправка на вагони им ја пренел и на синот Славчо и на внукот Зоран. Така фабриката станала втор дом на фамилијата Виларови. По смртта на Симон со нивните бавчи познати како „Виларови бавчи“ стопанисувале Тоде и Славчо Виларови. И тие одгледувале свилени буби како и градинарски култури за чие полевање во секое време имало доволно вода од Црн Камен кој се наоѓа веднаш над нивните ниви. Денес „Виларови бавчи“ се имот на на синовите на Тоде, поточно на Стојче и Петре, а својот дел Славчо му го дал на Миле Виларов.
Славчо Виларов со сопругата и децата
Славчо Виларов е син на Симон Виларов. Роден е 1912 година. Се оженил за две години помладата Бојка Јурукова. Славчо почнал да работи по завршување на шестиот клас Гимназија, во железница , како прегледувач на вагони. На тоа место почнал да работи за време на Стара Југославија –СХС и продолжил за време на бугарско. Поради тоа што Бугарите често го гледале со напредни младинци го префрлиле на работа во Скопје. Славчо постојано, и покрај што бил следен, бил вклучен во напредното движење и бил еден од поактивните во преземените акции и пренесувањето на тајни документи од Скопје, Велес и други градови. Бугарските власти, бидејќи немале доволно докази дека е вклучен во движењето, во 1943 година, го вратиле на работа во родниот Велес. По ослободувањето, по налог на тогашната влас на Народна Република Македонија назначен е за раководител на „Колска“. Како вработен успеал да се образува и да ја зврши вишата железничка школа во Сараево.
Славчо Вилар има големи заслуги за модернизацијата на „Колска“ и за вработувањето на поголем број работници од Велес.
Тоа е времето кога успешно се вршел ремонт на сите товарни вагони во Македонија. Според неговиот син Симеон-Бубе Вилар, Славчо фабриката ја чувствувал и за неа се грижел како за свој втор дом а вработените ги почитувал како и семејството. Тој од таму заминал во пензија. И ако на работното место бил пожртвуван и ценет работник во градскиот живот тој ја повторувал приказната за пожртвуваност и хуманост. Славчо Вилар е првиот прогласен крводарител во Велес, основач и прв претседател на ФК „Железничар“ што некако се вклопува во сликата на осноположникот на модерната колска работилница. За својата работа добил повеќе признанија, а најдраго му било прогласувањето за „Доаен на Југословенските железници“.
Славчо Виларов
„Татко ми живееше скромно. Немаше човек што не го познаваше. Умееше да им се радува на успесите и да се гордее на постигнатото. Тој секој пат општественото го ставаше пред приватното. Многу пати мајка ми и ние децата моравме да чекаме без разлика на итната потреба но работата во Колска никогаш не смееше да чека. Мислам дека затоа работниците го почитуваа, му веруваа и беа негова поддршка. И тој умееше кон помладите од нив да се однесува како родител, со генерацијата како кон другари а кон возрасните како кон своите родители. Тоа беше предност да ги мотивира се да делат заедно, и добро и лошо. Со работниците беше во секодневна комуникација и често помагаше. А нас, неговите деца, не воспита да си ја сакаме татковината и да си го цениме семејството“, рече Симеон Бубе Вилар.
Славчо во брак со Бојка Виларови седум пати станале родители и тоа на Надица, Симон, Петре, Игно, Симеон-Буби, Сузана и Зоран.
Сопругата на Славчо, Бојка Виларова со децата
Синовите и ќерката на Славчо Виларов
Според семејните информации, Надица се омажила за Дончо и имаат две ќерки, Силвана и Валентина. Петре стапил во брак со Татјана и има син Славчо и ќерка Теодора. Игнат е во брак со Живка и имаат ќерка Наташа. Симеон – Буби се оженил со Марионка и се родители на имаат две ќерки Бојанка и Биљана како и на син Зоран кој е женет со Ленче и има ќерка Марија и син Бојан.
Славчо Вилар од овој свет заминал во 1996 година или три години пред сопругата Бојка.
Вториот син на Симон, Никола е во брак со Лилјана и се родители на син Миле и ќерка Јасмина додека третиот син Миле се оженил со Нада и имаат три сина Симон, Киро и Јован како и ќерка Панка.
Семејството на Игно Виларов е големо и во неговите корени се испреплетуваат по машка линија со велешките семејства Купенкови, Нецинови, Алчеви, Влавчеви, Даеви, Шуреви, Јорданови, Масларови, Таневи, Јурукови и други додека по женска линија семејното стебло засега е празно. За него можат податоци да ни достават потомците додека објавените за Игно Виларов ги користевме од семејното стебло што го направил Лазо Виларов, а коавтори се и Јове Виларов и Симеон-Бубе Виларов. Им благодариме.
Стоилко Андреевски