Комуналците на „Дервен“ ја собраа првата поголема количина смет од домот на велешанката Дерманџиева на која и треба институционална помош
Еден трактор полн со смет изнесоа работниците на ЈКП „Дервен“ од домот на педесет и шест годишната Димитрула Дерманџиева. За четири часа од домот во кој живее велешанката успеаја да ја извадат најпроблематичната количина на непотребни работи трупани со години во двете соби, нишата, предсобљето и бањата. Дерманџиева освен што живее во субстандардни услови не водела доволно грижа за состојбата во домот. Тој, таков каков што е, неа не и пречеше се до моментот кога во него ја повика екипата на Дума.мк за да и помогне со огрев , пред последниот ладен бран со минусни температури.
Комуналците го наполнија тракторот со смет само од собата што треба да биде дневна со ниша, од претсобљетои и од бањата на куќарката.
Димитрула со помош на соседка селектираше мувлосани парчиња облека, покривки, кебиња, јоргани, гајби со туршија, садови, пластични гајби полни со стари предмети што најверојатно додека собирала пластични шишиња ги земала од контејнерите и ги носела во домот.
Но за жал тоа не беше доволно за да се среди просторот. Внатре остана негибната втората соба, спалната, во која ормарите се распаднати и се е затрупано со мебел што се распаѓа и со облека. И покрај одзивот на ЈКП „Дервен“, како општествено одговорна фирма, да испрати четворица комунални работници и да помогне во куќата на улица „Киро Ќучук“ бр. 61 во Велес тоа е невозможно да се стори во еден ден. Таму полни со струг и отпад се и подрумите. Стругот како и стиропорот вграден под таванот и веднаш над стариот шпорет во едната соба, лесно можат да предизвикаат пожар. Особено кога не се знае во каква состојба е стариот оџак.
Соседите го поздравија превземениот чекор за помош и имаа што да кажат. Тие се сомневаат дека е затната канализацијата на куќата на Димитрула уште од времето на поставувањето на новиот уличен цевковод за вода кога голема количина на земја што останала од ископот на улицата е натрупан во дворот на жената со што пропаднале канализациските цевки и сега изметот од бањата на куќата се слева во дворот.
Остатоци беа видливи со голо око. Соседите само го надополнија впечатокот што се стекнува штом се влезе и во нишата на куќата каде од цементираниот водник водата истекува директно во канализацијата.
На Дерманџиева и е потребна институционална помош. Таа прво треба да добие старател а потоа и да и се обезбедат похумани услови за живот. Куќарката или дел од неа мора да претрпи реконструкција од под до покрив. И дограмата е во ужасно лоша состојба.
– Димитрула не добива социјален оброк и има проблеми со обезбедување на храна. Но, таа и може да работи на некое работно место кое одговара на нејзините интелектуални можности. Видовте дека има дупки на таванот и дека покривот на куќата попушта. Ние надгледуваме и си велиме не дај Боже да не падне и жива да ја затрупа. Ако и се помогне Димитрула ќе има услови да живее похуман живот. Се друго е бесцелно, рекоа соседите.
Дел од нив покажуваат грижа кон жената и и помагаат. Но, очигледно е дека тоа не е доволно затоа што неа и треба помош од државата и од работодавците./У.Ј