Роса Плавева и Накие Бајрам, македонските Роза Луксембург и Клара Цеткин
При крајот на 2019 година, по пуштањето во употреба на споменикот на Мустафа Кемал Ататурк во паркот “Каршијака“ во Велес, се појави во јавноста приказната за наводното престојување на наводно ранетиот Мустафа Кемал Ататурк во Велес во период 1907-1908 година. На куќата каде престојувал имало и спомен плоча која е тргната по Втората световна војна. Приказната е таа, но никако не се совпадна со фактите и документите кои постојат во Велес и неговите институции.
Ни во Историскиот архив ниту во Народниот музеј во Велес нема сознанија за такво нешто.
Јас самоиницијативно го проследив движењето на Ататурк во периодот од 1905 до 1908 година, но во ниеден пишан документ не е спомнато дека Мустафа Кемал Ататурк престојувал во Велес, по ниедна основа. Кога лично разговарав со човекот кој ја пренесе во јавноста оваа приказна констатирав дека се работи за сосема друг настан што е малку познат во велешката историја, но не е поврзан со Мустафа Кемал.
Во разговорот беше спомната Роса Плавева како извор на податоците.
Куќата на фамилијата Плавеви се наоѓала над „Јаворче“, месност над ООУ „Кирил и Методиј“ на улицата која води кон црквата соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Наидов на податоци за настанот поврзан со Роса Плавева и турските жени како и за формирањето на „Здружението против носењето зар и фереџе“.
Роса Плавева е родена во Велес во 1878 година а починала во Белград во 1970 година. Таа била првата жена, Македонка, социјалистка, една од првите борци за женски права во Македонија. Родена е во фурнаџиско семејство како и Роса Варналиева. Се школувала во Велес, а потоа во Софија. Таму ги остварува своите први контакти со социјалистичкото движење. Во 1900 година се зачленила во првата социјалистичка организација во Македонија, формирана во 1894 година лично од Васил Главинов во Велес и учествувала во Илинденското востание во 1903 година.
Роса Плавева и Накие Бајрам
Во деновите на Младотурската револуција, заедно со Накие Бајрам, ги организираат турските жени во борба против зарот и фереџето. Во 1908 година организира демонстрации во Скопје за рамноправност на жените и наредната година, заедно со својот сопруг Илија Плавев, работи на формирањето на Социјалдемократска организација во Скопје што според расположливите податоци е формирана на 1 мај 1909 година.
Накие Бајрам, според исказите на нејзиниот внук, професорот и академик Газанфер Бајрам, потекнува од едуцирано турско семејство, каде што женската семејна лоза се истакнала со решителност и храброст. Накие, родена во 1889 и почината во 1962 година, била македонска учителка од турска националност, социјалистка и борец за женски права.Газанфер Бајрам e истакнат македонски академски сликар, мозаичар и професор.
Според кажувањата на Роса Плавева, забележани од Ружа Бак во 1959 година, во периодот меѓу 1907-1908 година е основано „Здружение на жени турчинки против носењето зар и фереџе “ во кое зеле учество околу 50 жени, сопруги на офицери од турската војска. Под влијание на Младотурската револуција од 1908, Здружението одржува седница во куќата на Роса Плавева каде се подготвуваат за јавно одбулување на муслиманските жени со паролата „Доста веќе црнила на очите, треба да живееме како и сите други жени на светот“.
На организираниот собир учествува и Накие Бајрам. Собирот е откриен и брутално прекинат од страна на власта и офицерите, а Роса Плавева е уапсена и јавно омаловажена.
Интересен е податокот дека обидите на здружување и организирање на жените во Македонија коинцидира со одржувањето на Првата меѓународна конференција на социјалистките во 1907 година во Штутгарт, Германија.
Илија, сопруг на Роса Плавева
На 1 мај 1909 година, во Скопје е формирана нова Социјалдемократска организација чии основачи се Роса Плавева и нејзиниот сопруг Илија Плавев. Сопружниците ја користат Ерфуртската програма од 1891 година на германските социјалдемократи како своја платформа. Нејзини членови се и Накие со сопругот Ферид Бајрам.
По Втората светска војна, Накие Бајрам како учителка е посебно вклучена во одбулување и описменување на муслиманската жена во Социјалистичка Македонија во чии процеси се вклучува со голем ентузијазам. Но, Законот за забрана на носење зар и фереџе донесен на 12 јануари 1951 година, кој требало да го забрза процесот на еманципација на муслиманската жена во Социјалистичка Македонија, предизвикува отпор од страна на муслиманската популација и бил подразбран како насилнички акт против семејниот и личниот интегритет на муслиманската жена.
Ова е накратко приказната за Роса и Накие, македонските Роза Луксембург и Клара Цеткин, жени кои се осмелиле да го подигнат гласот и да се спротивстават на вековниот начин на угнетување и омаловажување на муслиманската жена.
Зошто овој настан не е евидентиран и не е познат во историјата на Велес? Прашање кое некој треба да го одговори, особено ако се знае дека во Велес постои заедница на турската националност, која мора да се произнесе и да ги расветли овие настани.
Љупчо Данов