Данов: За традицијата на пиење „турско кафе“ во Велес
Еден од најчесто споменуваните напивки поврзани со Турција секако е кафето! Кај нас е одомакинето со изразот „турско кафе„ иако тоа за Турците не е познат израз. Факт е дека во нашите краеви кафето како напиток е донесен од Турција, некаде во 16 век. Во некои списи стои дека Турците сакале кафето, како растение, да го посадат и размножат и во Македонија. Направени обиди да се сади кафе има на солунско поле, во струмичко и во повардарие. Но, се покажало дека сепак кафето бара посебно топла и изедначена клима како и температура а не е отпорно на македонските зими!
Во Турција постојат неколку приказни за тоа како се појавило кафето во Отоманската турска империја. Според првата приказна, во 1554 година, двајца сиријски трговци донеле кафе во Истанбул. Тие го промовирале и го нуделе на свои пријатели и успеале да го наметнат како официјален пијалок на големите турски достоинственици.
Според другата, постарата приказна, од 1517 година во времето на владеењето на Султан Сулејман, неговата сопруга Хурем разбрала за вкусниот напиток од зрна и побарала да се донесе во Турција. Турците не произведувале кафе, туку и до ден денес кафето го увезуваат од Јемен откако валијата на градот Јемен, Оздемир Паша фасциниран од вкусот на кафето го донел во Турција. Хурем ја направила и првата кафетерија, која повеќе личела на слаткарница, во која пријателките и влијателните жени на Турција ги поканувала на кафе . Така на напивката прво повеќе и се насладувале жените додека потоа станала општо прифатена од високите сталежи. Слаткарницата – кафетерија и ден денес постои во источниот дел на Истанбул и го носи името „Шехерезад“.
Чајот е примарната напивка на средбите во Истанбул но таму е сепак раритет да се напиете оригинално, ароматично кафе од јеменската сорта „Арабика. Можеби затоа што турското кафе има специфичен начин на подготовка и е вистинска атракција меѓу туристите, особено од Европа, кои воглавно слушнале или пробале од овој напиток и во своите земји. Во Турција нема да ве разберат ако порачате „турско кафе“ но кога ќе побарате „црно кафе“ тие добро знаат дека го барате автентичниот напиток а не еспресо, капучино, макијато или друг вид од модерните сорти на овој напиток.
Како се подготвува „црно кафе“? Се вари во мали џезвиња, претежно бакарни, со рачка. Во него прво се ставаат лажичките кафе и малку се подгрева на ринглата , да се потпече, да замириса. Тогаш се става топла вода и кафето се вари на тивок оган. Велат дека е најдобро да не се вари директно на оган, туку да се закопа во сад со загреан песок и понекогаш се потребни и 20 минути џезвето да направи „ капа“ од кајмак. Тогаш кафето е сварено!
Турските мајстори кажуваат дека кафето е готово кога на врвот на џезвето, на самиот кајмак ќе ставите париче и тоа ќе остане да лебди не да пропадне внатре! Тогаш кајмакот е кајмак! Она што е куриозитет во оваа медитеранска земја и е поврзано со напивката е тоа што никогаш нема да ви сервираат превриено кафе. Тоа се се претура во мали шолчиња од порцелан, но и од бакар, додека посебно се служат шеќер, локум, мед кои со мали лажичиња гостинот ги става според вкус. Кафето е многу ароматично, со пријаен мирис и извонреден вкус, а се пие во мали количини бидејќи е многу јако. И медицината потврдува дека секој може да се напие шолче кафе, бидејќи тоа има релативно позитивни ефекти на човековиот организам.
Така е во Турција додека во Велес многу одамна постоел локал Ада Кафези поточно „Остров на кафето“ на реката Вардар, каде преку ден се служело само кафе и каде беговите, агите и воглавно богатите Турци уживале во благодетите на оваа напивка. Велешките трговци биле сладокусци и велат дека во Велес се пиело кафе на кое и Истанбул можел да му завиди.
Во турските дефтери одамна се запишани графи во кои се внесувани количините, во оки!, на набавено и потрошено кафе. Верувајте, Велешани пиеле кафе колку и скопските или битолските бегови. Ова колку само да се знае.
И денес вистинските „кафеџии“ бараат да се напијат добро турско кафе. За жал, во се` помал број на угостителски објекти во Велес иако вистинските сладокусци ќе ги препознаете токму во оние локали во кои традицијата опстојува и продолжува со вообичаеното, секојдневно „ кафе –муабет“.
Љупчо Данов