Првите учителки во женските училишта во стар Велес
Образоването на женските деца во стар Велес заостанувало многу зад образованието на машките ученици. Главниот проблем бил недостатокот на учителки, а не помало и патријахалното воспитување од страна на родителите кои не ги пуштале девојчињата да учат со учениците момчиња. Родителите биле убедени дека женските деца не треба да посетуваат училиште и да бидат писмени туку да се омажат, да раѓаат деца и да бидат добри домаќинки.
Со развојот на трговијата, видни велешани, патувајќи во Солун, Белград, Будимпешта, Виена и други градови во Европа увиделе дека прават грешки бидејќи таму женските деца биле писмени и се образувале. Токму тие, во Велес, почнале да ги уриваат предрасудите со тоа што први започнале да ги запишуваат во училиште во кое учеле само машки ученици. Точно се знае дека во училиштето на учителот Митре, покрај машки имало и по четири или пет ученчки.
Според бугарскиот истражувач Васил К’нчев, многу брзо во Велес родителите, посебно имотните, го започнале процесот на образование на своите женски деца. И бил постигнат првиот резултат кога покрај машкото, во училиштето во Прцорек, било отворено училиште за женски деца.
Во тефтерите на училиштето е запишано дека во училиштето имало две учителки. Во 1864 година, седум години по отварање на училиштето на Јордан Хаџи Константинов Џинот, поради голем интерес , се отвориле две женски училишта, по едно, на двете страни на Велес.
Учителката баба Неделка Петкова
На левата страна, во училиштето во маалото Прцорек, учителки биле баба Недела Петкова и Станислава. Учителката Недела Петкова била една од најстарите учителки во Македонија. По Велес работела и во Прилеп, Охрид и други градови во Македонија, а била и во Солун. Баба Недела и Станислава во училиштето останале четири години.
На десната страна на Велес, во истиот период, учителка била србинката Марија се до 1869 година. Неа прво ја ангажирале имотни Велешан дома да ги образува нивните ќерки за да биде ангажирана како општинска учителка. Марија наставата ја изведувала на српски јазик се додека тогашните власти не и наредиле да предава на мајчин јазик за да можат децата да ја разбираат. Но, таа не прифатила па затоа била сменета.
На местото на Марија, во 1870 година, за учителка била поставена Сава Дудикова која учителствувала во Велес цели три години. Сава била многу способна и убава учителка која успеала нејзиното женско училиште да биде едно од најдобрите. Во 1873 година се омажила за учителот Поповиќ по што ја напуштила и учителската работа.
Во училиштето во Прцорек по Баба Недела за учителка била ангажирана и Зумбула Петрова. Таа била учителка од 1869 до 1873 година. По квалитет Зумбула била оценета како и учителката Сава и кај велешани оставила многу убави спомени. Успеала да описмени поголем број женски деца кои подоцна станале гордост за Велес. По нејзиното заминување Велес повеќе години не можел да најде така добри учителки како што биле Сава и Зумбула.
Затоа до ден денешен во градската образовна традиција на Велес се спомнуваат имињата на овие учителки кои заедно со Јордан Хаџи Константинов Џинот и Панко Брашнаров се секако ликови на народните учители што не се забораваат.
Стоилко Андреевски