Во стар Велес граѓаните уривале рекорди со производство на афион и грозје
Афионот во Велес и велешко се одгледува околу 400 години, штом е пренесен од овчеполието. Во Овче Поле е донесен директно од Турција, од Анадолија, и се покажало дека македонската почва е со таков квалитет, што афионот успевал со солидни приноси, како семе така и катран.
Катранот се добивал примитивно, со засекување на афионската чушка на две места со кратко свиткано ноже.
Катранот од Македонија бил далеку познат, па Венецијанските и Дубровничките трговци доаѓале во Македонија и купувале количини на катран, претежно за фармацевскa намена.
Турските власти одредувале време на заграден дел од пазарот, каде со најголеми мерки на безбедност производителите можеле само таму легално да продадат катран. Го мереле два пати, на две ваги. На првата го мерел трговецот, а на втората инспекторот назначен од властите. Количините и цената се запишувале во посебна книга, а исплатата на парите и наплатата на данокот била на лице место!!
Според податоци од пописот на земјиштето во Велес и Велешко од 1863 година афионот бил застапен на околу 7000 дунуми. Ако 1 дунум одговара на приближно 1000 метри2 ( поточно 913 м2), тоа значи дека станува збор за приближно 700 хектари земја.
Годишно, просечно во велешко се добивало од 8000 до 13.600 оки афионски катран како и 338.000 оки семе од афион. Рекордна била 1853 година когa реколтата изнесувала околу 14.000 оки катран.
Фотографија со велешки трговци
И не само во афиот туку и во собраниот род од велешките лозја кои се простирале на околу 12.000 дунуми и лозарите произвеле околу 48.000 оки ракија. Неа ја продале преку караваните и гемиите во Солун, но и во Бугарија, во Србија и во Романија.
За количините на вино, кое исто така било прочуено и на големо извезувано од Македонија, се знае според количината на ширата која била основа за даночење. Просечно се добивало 30 до 35.000 оки шира, како количина приближно одговарала на произведеното вино.
Освен македонското население и Турците поседувале големи површини лозја и правеле вино, кое секако го конзумирале. Од еден допис дознаваме за тоа:
„ За Илми беј нарачавме 50 оки вино, за неговиот празник, бидејќи и лани се испи толку. Вино пиеја и каурите и турците, бидејќи најдобро загрева на студот“. Инаку , за појаснување, Илми беј бил Голем муфтија на Велес во периодот од 1840 до 1845 година.
Најубавите и најквалитетните лозја во Велес биле во Речани, Башино село, потоа накај Гроот, како и јужно од Велес , на Клепата и во Чичевијата.
Едно време се појавила болеста „филоксера“ за која се смета дека била намерно подметната , па некое време лозарството во Велес замрело.
Од сортите кои се одгледувале најчести биле „саричибук“ , „афус али“, „стрнушина“, како и „султанија“, грозје без семки, од кое се подготвувало „суво грозје“, кое се мешало и продавало со леблебијата.
Споредувајќи ги овие со податоците од 1987 година кога тогашниот велешки Агрокомбинатот „Лозар“ имал 7559 хектари обработливо земјиште и од 4789 хектари под пченица, 2118 хектари под јачмен и 652 хектари под афион ќе констатираме дека цели 150 години скоро и не се променила површината под афион . Тоа е времето на распаѓањето на надалеку познатиот велешки Агрокомбинат со кога производството на афион речиси замре во Велес и велешко.
Љупчо Данов