Исечен јаворот под Којник
Иако ставен под заштита според закон јаворот под Којник повеќе го нема. Дрвото е исечено иако со години се бореше да го победи времето.И го победи кога гордо се издигна над куќите и кога стана повисок од нив. Не угина од ниски температури или од жед за вода туку од раката на човекот.
Граѓаните побарале да се исече бидејќи пораснал повисоко од нивните куќи а тие имале мака од неговите лисја кои, во доцна есен, им паѓале на крововите на куќите. Тоа била неговата вина. Друга вина немал.
Го исекле минатата недела, според добиените информации, ден два пред изминатиот викенд. Велес изгуби уште едно дрво кое гордо се издигаше над куќите и со својата крошна даваше посебна убавина на овој дел на градот. Покрај сите премрежја, покрај сите добиени битки, дрбото умре. Почина од „злоба“ на неговите сограѓани на кои им ја разубавуваше улицата, на кои во најтоплите летни денови им создаваше „дебела“ сенка за починка.
Кого да обвиниме за сечењето на со закон заштитеното дрво? Соседите или општината ако дала дозвола на извршителите од ЈКП „Дервен“. Кој од нив јавно ќе соопшти кога точно и зошто е исечен јаворот под Којник?
Две фотографии на кои јаворот под Којник беше фотографиран во 2018 година од Дума.мк
Кој и да е и како ли ќе се брани, ќе слушнеме но, простете еден јаворот во Велес има помалку и никогаш повеќе градот нема да го има. Од него остана само еден дел, оној што најверојатно не можеле да му го земат. Ништо повеќе. И има ли сега среќни соседи и задоволни граѓани, Велешани?
С.А.