Бабунски: Предност со државни мерки за вработување имаат младите до 29 години кои најчесто заминуваат во странство барајќи работа
Државата сака да ги активира 4.025 невработени Велешани преку поттикнување на сопствени бизниси, пред се младите кои и се потребни на градот и на Македонија, за да се пронајдат себе си во градот и да обезбедат материјални услови за живот. Во моментов Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија води шест активни програми или активни мерки за вработување како што се: Програмата за самовработување и субвенционирање на плати, Обука за стручни квалификации според барањето на работодавачите, Обука на лице место за познат работодавач, Практиканство како и Обуките за занаети и за јавни работи.
Обуката за јавни работи се однесува на локалната самоуправа , поточно за оспособување на лица за работа во оптините Велес, Градско и Чашка, вели раководителот на Бирото за вработување во Велес Трајче Бабунски.
-Од 4.025 невработени во евиденцијата на Бирото за вработување во Велес еден е доктор на науки, 18 магистри на науки, со завршен факултет 314 со вишо образование 56 граѓани. Останатите се со непотполно или со средно образование. Мерките што сега ги промовираме започнаа на 25 февруари и ќе траат се до исполнување на квотата поточно 1,1 милијарда денари, рече Бабунски.
Во споредба со лани кога корисници на државни мерки биле 6.374 невработени годинава кога скоро двојно повеќе е зголемена вкупната сума на планирани средства што државата ги издвои се очекува двојно зголемување на бројот на граѓани корисници на средства.
-Предност имаат младите граѓани, до 29 годишна возраст или токму лицата кои најчество се исселуваат од трите општини за да се вработат во странство. Како пример ќе посочам дека од ланските корисници на државни средства, од категоријата до 29 години се вработиле 1.839 граѓани во трите општини Велес, Градско и Чашка, додаде Бабунски.
Инаку вкупниот број на оваа категорија граѓани кои лани биле вклучени во програмите на државата изнесувала 5.266. Тие биле вклучени во државните програми : Обука, Пракса и Доквалификација. Велешкото биро за вработување ги повикува граѓаните да ја посетат институцијата каде ќе ги добијат сите потребни информации поврзани со можностите за користење на државната помош./У.Ј