Велешки бренд е грнчарскиот занает
Изработката на керамиката и воопшто обработката на глина и правење употребни како и уметнички предмети е занает и традиција. Кога се зборува за грнчарството како занает, од многуте наоди на територијата на Велес и велешко, може да се констатира дека е присутен на овие простори од многу одамна.Ако се знае дека околината на Велес изобилува со квалитетен материјал,глина, лесно ке се поврзе со опстојувањето на грнчарскиот занает. Многуте археолошки наоѓалишта даваат податоци и артефакти за автохтоно постоење и опстојување на грнчарскиот занает низ вековите.
Од материјалните, но и од пишаните податоци, може да се говори за вековен континуитет на грнчарството во Велес. Впрочем,во околината на Велес е пронајдена и познатата окарина од глина, редок музички инструмент од неолитот. Во време на Османлискиот период , осовено 60-те години на 19 век, Велес бил еден од стопански најразвиените градови во Македонија. Пазарот во Велес изобилувал со земјоделски,но и со занаетчиски производи,од кои секако значајно место имал и грнчарскиот занает.Според еден попис од 1866 година на Христо Чочков укажува дека Велес имал 20 грнчарски работилници. Секако ,секоја работилница била семеен занает кој ја хранел и вработувал целата фамилија , носел приходи и вработувал многу луѓе.
Велешани ,како грнчари, се познати и надвор од регионот, па во 1850 година, според пишани податоци, обична црвена грнчарија во која се вбројуваат стомни и бардаци, се продавала во Скопје, Куманово, но и во Софија и Солун, каде биле отворени и неколку грнчарски дуќани. Како и другите поразвиени занаети и грнчарите во Велес имале еснафска организација односно – еснаф. Правата, должностите и севкупната дејност била регулирана со уредба според која на чело на еснафот стоел – устабашија поточно главениот голем мајстор.
Последниот грнчарски устабашија на Велес бил Тодор Менов.
Еснафот имал и своја слава. Го празнувале празникот Свети Спиридон, на 12 декември по стариот, а 25 декември по новиот календар, која заедно ја славеле со тулаџиско-керамиџискиот и кондураџискиот еснаф.
Занимливо е дека овој занает го практикувале само христијаните во Велес, додека Турците биле само ,,лулаџии“ кои правеле земјени лулиња за пушење тутун и филџани за кафе. Тие не работеле земјени садови и друга грнчарија.
Постоеле бројни семејства во Велес кои низ вековите го носеле занаетот и славата на добри мајстори на занаетот. Тоа биле : Менкаџиеви, Ракиџиеви, Свалканови, Пуздерови, Ризанови, Хаџи Николови, Левкови, Солеви, ,Орковци, Јавашови, Дангалови, Дебарлиеви и други.
Можеби испуштивме некого, но сепак најпозната и со вековна традиција на семеен бизнис е семејството Левкови. Тоа ги дало и првите образовани занаетчии – керамичари. Имено, пред Првата балканска војна Александар Левков се вратил од студии во Германија и се зафатил со осовременување на занаетот по европски норми и стандарди на пазарот. Семејната фирма ,,Тодор Левков и синови“ извезувала производи во Виена, Солун, Цариград. Тие ја прифатиле и европската модерна керамика , а асортиманот го прошириле со украсни предмети поточно фигури на ловџиски кучиња,танчерки и друг вид керамопластика. Воведувајки нова технологија во својата фабрика ,,Вила Зора“, чиј оџак и ден денес се издига над стариот дел на градот во подножјето на Којник, браќата Левкови освен со производство на црвена грнчарија започнале да произведуваат предмети ,,мазни и сјајни како метал“, украси , но и вазни, ибрици, мангали, свадбени кондири од чанакалски тип, кои ги извезувале во Турција. За богатите купувачи произведувале кутии за тутун и цигари, накит, бонбонери, бокали, свеќнаци, послужавници, детски играчки и свирчиња. Интересно е и дека се произведувала и фасадна керамика додека од 1928 година произведувале и канализациони цевки како и керамички фасонки за струја.
Итретесен е податокот што говори за поминувањето со воз на турскиот султан Абдул Хамид втори, во 1902 година низ Велес, кога добил на подарок две керамички фигури од семејството Левкови. Тоа се случило на дочекот на железничката станица во велес. Овие две фигури и денес се чуваат во Музејот во Топкапи во Истанбул со назнака дека се добиени ,, од фамилија Левкови во Ќупурли“. Извозот на керамички производи се проширил во Грција, воАлбанија, во Австрија и во Турција. На многу саеми и изложби Левкови добиле бројни дипломи ,награди, златни медали како на Балканот така и во Барцелона.
Керамичката галантерија која тие ја произведувале станала познат бренд за Велес на Југословенскиот, но и Балканскиот пазар.
Исто така интересен податок што се наоѓа на фотографијата од старата железничка станица во Велес, урната во бомбардирањето на сојузничките авиони во април 1941 година, се гледа дека браќата Левкови имале своја продавница за сувенири и грнчарија. Сувенирницата се наоѓала на перонот на железничката станица ,некаде во близина на денешната чешма, пред управната барака на ЈП „Македонски железници“.
Сувенирницата на Левкови на Железничката станица во Велес
Брзата индустријализација, производите од емаил, порцелан и стакло, а подоцна и од пластиката , заменила многу керамички садови и предмети кои биле во употреба и биле барани на пазарот. Занаетот замрел, но не и изумрел. И денес неколку семејства го продолжуваат грнчарскиот занает и нивни производи се продаваат во горниот дел на велешкиот пазар.
Фактот што и македонскиот најголем поет и револуционер Коста Солев Рацин бил добар грнчар, покажува дека грнчарството како занает бил длабоко врежан во семејните традиции на Велешани и во градот уште долго ке опстојува.
Во денешната спомен куќа на Коста Рацин , во приземјето, сеуште постои грнчарската работилница. Таа е мала просторија, со неколку особености на грнчарскиот занает. Внатре има керамички предмети кои ги изработувале членовите на семејството Солеви, па и самиот Кочо.
Фотографија од грнцарската работилница на Солеви на која е фотографиран Кочо Солев Рацин
Основна направа во грнчарскиот занает е грнчарското колце кое било фиксирано,но честопати е правено и како подвижно. На подвижното работеле сезонски работници, надничари кои биле платени ,,на парче“. За Рацин се раскажува дека и тој често пати одел кај други мајстори и работел стомни ,,на парче“.Како исклучително јак човек, за Рацин се кажува дека за една смена успевал да направи и по стотина стомни, за што освен ,,марифет“ потребана е и исклучителна физичка сила.
Освен колцето и бочилото е грнчарски алат. Тоа е дрвен нож со трапезна форма со кој се обликувал садот. Потоа тел или жица за сечење и обликување,кожа за мазнење на садовите,како и земјен сад поточно цреп полн со вода за мајсторот да си ги мокри рацете. Од поситните грнчарски алатки ќе ги спомнам назабените штичиња за шарење на производите, „будучето“ или сад со боја за украсување на стомните.
Секоја грнчарска работилница имала и своја ,,фурна“ ,печка за печење на готовите производи. Освен тоа како алат се користел и токмак за кршење и ситнење на глина, мотики за копање и раскопување глина, буре за вода, полици за просушување на производите и друго.
Велешка стомна и бардак
Асортиманот на грнчарски производи од ,,црвената грнчарија“ воглавном се состоел од : стомни, бардаци, грниња, тенџериња, тави, каленици ,вагани ,врчви големи и мали, ибричиња, карти,плоски за ракија.
Во Велес, како град во кој било развиено производството на вино и ракија, велешките грнчари правеле и земјени казани за варење ракија ,односно ,,капаци со лулиња“ и крбла со чепур , кои биле работени по мерка и нарачка.
Готовите производи на пазар се носеле во кошеви, најчесто натоварени на магариња, мазги или коњи додека со камили за на подалечните панаѓури.
Добро е што традицијата на грнчарството во Велес не е замрена. Тоа го гледаме според сеуште активните мајстори од неколку велешки семејства кои се уште работат и изнесуваат грнчарски производи на пазарот.
Велес нема проблем со подмладок туку потребна е добра промоција и простор за продажба на грнчарските производи за туристите и добронамерниците кои го посетуваат градот.
Љупчо Данов