Се следат три нови случаи со сомнеж за морбили во Велес
Пријавени од матичните лекари, вчера, во градот се три нови случаи на морбили. Сите се со иста клиничка слика поточно со висока температура и осип, кој е некарактеристичен. Центарот за јавно здравје веќе испратил на анализа примероци во лабораторијата за Вирусологија во Скопје. Утре се чекаат серолошките резултати кои ќе треба да потврдат дали станува збор за мали сипаници или пак на вирус што е присутен во градот со слични симптоми како и морбили.
-Тоа се нови случаи што ги пријавиле матичните лекари. Сите тројца пациенти се возрасни граѓани. Епидемиолошката служба испрати материјали во Скопје, на вирусологија, како и за претходните пријавени случаи и сега се очекуваат резултатите. Треба да ги имаме во текот на утрешниот ден, среда 13 март, кога ќе имаме потврда за морбили или пак за вирусно заболување. Еден од пациентите е здравствен работник, рече д-р Билјана Трајкова специјалист епидемиолог.
Таа додаде дека освен тројцата пациенти кои се испратени од ЈЗУ Општа болница Велес во Инфективната клиника на Клиничкиот центар во Скопје се препоставува дека и кај четврт пациент анализите ќе бидат позитивни поточно ќе ја потврдат првичната дијагноза дека боледува од мали сипаници. И тој е возрасен граѓанин.
Од ескалацијата на инфективната болест до денеска бројот на заболени во Велес изнесува пет граѓани, за шестиот точно ќе се знае утре, додека анализи се направени на двојно повеќе пациенти но резултатите покажале дека кај нив станувало збор за грип кои дал осип проследен со висока температура.
Д-р Трајкова препорача граѓаните да си ги проверат своите вакцинални картони особено родените по 1972/73 година во кој мора да е регистрирано дали примиле вакцина против морбили. Претходно родените граѓани со сигурност не се вакцинирани од ова инфективно заболување па се наоѓаат во ризичната група доколку мали сипаници не прележале додека биле деца. Вакцинирањето на децата во Македонија против морбили е започнато во 1972/73 година додека генерациите родени по 1987 година треба да се вакцинирани два пати. /У.Ј