Протестираа матичните лекари во Велес во знак на поддршка на колешка од Виница
Држејќи во раце бели листови со порака: „И јас сум д-р Виолета“ денеска десеттина матични лекари од Велес протестираа пред зградата на подрачната единица на Фондот за здравство. На овој начин протестираа давајќи и поддршка на колешката д-р Виолета, матичен лекар во Виница која ќе мора да стави клуч на влезна врата само поради тоа што шест месеци не може да си најде медицинска сестра.Неа Фондот за здравство не и пуштил капитација за месец декември. Ова може да се случи на секој матичен лекар во државата рече претседателската на Здружението на приватни лекари на Македонија.
– Нашето барање е под итно Фондот на колешката да и пушти капитација за да може да функционира. Сметам дека е крајно нехумано лекар што извршил стотици прегледи да остане без здравствено осигурување. Како Здружение нема да дозволиме ваков индолентен однос на Фондот и министерството за здравство, затоа што си ја префрлаат топката додека колешката се соочува со финансиски проблеми, рече д-р Лили Чолакова Дервишова.
Претседателката Дервишова ја повика внатрешната контрола на Фондот за здравство да направи контрола во подрачната единица во Виница и да одговори зошто никој до сега не алармирал и не ја советувал што да направи кога на два објавени огласи за вработување не се јавила ниту една медицинска сестра.
-Поради тоа што истата лекарка издава рецепти. Значи никој не го земал флаксимилот. Не може да не функционира еден тон администрација во Фондот и во министерството или не може правниците во Фондот да не направат реформи за да ги задржиме лекарите кога министерот дава изјава дека недостигаат лекари во тој регион, додаде Дервишова.
Според неа реформи се потребни особено што во источниот и североисточен регион на Македонија недостасуваат 600 лекари. Овој пример покажува како д-р Виолета секојдневно дава здравствени услуги, прегледува пациенти, издава рецепти и е во мрежата на здравствени установи што е доволно да добие капитација. Доколу денеска или во наредните два три дена на д-р Виолета не и биде пуштена капитацијата тогаш од Здружението на приватни лекари на Македонија најавија дека со автобуси ќе се организираат и ќе протестираат во Скопје пред министерството за здравство./У.Ј