Нема нови случаи на морбили во Велес, граѓаните се борат со сезонски грип
Сите осум пациенти кои од почетокот на годината беа регистрирани како случаи заболени од морбили во Велес го прележаа инфективното заболување, без посериозни последици. Меѓу нив имаше едно деветмесечно бебе додека седуммина се на возраст над 35 години. Само тие по лабораториските испитувања беа детектирани како заболени од мали сипаници покрај десетиците пријавени случаи од страна на матичните лекари.
-Други потврдени случаи на морбили во Велес нема. И она што е карактеристично е тоа што ако се изземе деветмесечното новороденче, кај кое болеста се појави со пренос од неговиот родител, таткото, од мали сипаници не заболеа други деца и ученици во општината. Вакцината против морбили се прима на 12 месечна возраст и тоа значи дека новороденчето не можело да биде вакцинирано, рече епидемиологот д-р Билјана Трајкова од Центарот за јавно здравје во Велес.
Јавната здравствена установа исто така ја следи и состојбата во општината со инфективното заболување грип од кое минатата недела заболеа 200 граѓани на Велес. Тоа е највисока бројка на регистрирани болни од почетокот на зимата. Веќе вчера, понеделник 18 март, бројот на заболени е преполовен што значи дека се регистрирани нови 110 болни Велешани од сезонски грип.
Препораките на д-р Трајкова за граѓаните се стандардни и значат внесување на поголема количина на витамини и секако поголема грижа за хигиената особено на рацете./У.Ј