Судијка Гајдова: Зaтворот „Идризово“ две години не ни донесе осуденик на судење
Интервју: Габриела Гајдова, судијка и портпаролка на Основен суд Велес
Основниот суд во Велес се соочува со проблемот на одложување на судењата, затоа што затворите не ги носат на време осудените лица на судење. Според меѓусебен договор, помеѓу судовите и затворите точно е утврдено, кој затвор, во кој ден од месецот ги носи осудените кои издржуваат казна затвор, на судење во велешкиот суд. Со затворот Скопје, каде што се притворените лица, нема проблем со транспортот, но во Идризово има случај каде што затвореник цели две години не бил донесен на судење. Се случува да биде донесен обвинетиот, но не и сведокот, ако е во затвор, и поради тоа се одлагаат судењата, рече судијката Габриела Гајдова.
Разговараше: Марко Ингилизов
– Судија Гајдова, како се транспортираат затворениците или притворениците од затворите кога треба да бидат донесени на суд, во постапките кои се водат против нив?
Гајдова: Притворот е мерка за обезбедување на присуство за разлика од затворот која што е казна. Транспортот се врши на тој начин што судот кој што има потреба да го сослуша оној кој што е на издржување мерка притвор или на издржување казна затвор преку управата на затворот писмено бара да бидат осудениците или притворените лица спроведени. Спроводот се врши со возила кои што се специјални за тој вид на спроведување и согласно правилникот на затворите со спроводна служба. Мислам дека треба да има по двајца спроводници за еден затвореник, односно притвореник.
– Дали има определен ден во неделата во кој се носат притворените или осудените лица од затвор на судење?
Гајдова: Законот не регулира дека треба да постои определен ден кога се врши транспортот. Согласно Закон, затворите се должни на секое барање од судот да одговорат и лицето да биде доведено. Основниот суд во Велес има проблеми со спроведување на затвореници, што не е случај со притворени лица, иако имаме постигнато интерен договор со затворот Идризово и со затворот Штип. Во Велес се носат затвореници првата среда и третиот четврток од месецот од Идризово и првиот петок од месецот од затворот во Штип. Другите затвори постапуваат по барања толку колку што имаат можности. Во однос на притворениците немаме никаков проблем. Кога и да побараме нив ги носат, освен ако во исто време нема закажно големи судења во Основен суд Скопје 1 како што е на пример судењето за „27 април“ или како што беше „Диво насеље“. Затворите немаат доволно возила и не располагаат со доволен број на спроводници за да можат да одговорат на нашите барања. Сепак имаме совршена соработка па доколку не може тој ден да бидат донесени притворените лица се договараме за друг ден.
– Како реагира одбраната на одложувањето на судењата кога затворениците и притворениците не се носат од затвор во судница?
Гајдова: Некои посебни реакции од страна на одбраната во пракса не се забележани, но реагираат обвинетите. Тоа е така затоа што кога се наоѓаат на издржување на казна затвор тие имаат право на одредени погодности. Имаат право согласно условите предвидени во рамки на куќниот ред на затворот и нивните интерни акти да можат да користат погодности во смисла викенди дома, почести посети итн. Доколку на затворениците им се води постапка во некој од судовите во Република Северна Македонија тогаш тие бенифиции не можат да ги користат. Тие се доведени во ситуација поради недоведување од страна на затворите во судот постапката да не може да се заврши и тоа во суштина оди на нивна штета. Тогаш не можат да ги користат спомнатите погодности. Значи, има ситуации кога ние сме примале писмени изјави дека обвинетиот е подготвен да признае вина и сака да му се заврши постапката затоа што е свесен дека згрешил , знае дека ќе му се спојат казните, може ќе му се намали казната за определен период кога ќе се спојат тие што ги има за издржување и ќе почне да си користи погодности . Недонесувањето пред судот им ги ускратува овие права. Праксата покажала ситуации кога од тие причини реагираа осудени лица до Народниот правобранител. За волја на вистината кога Омбудсманот ќе побара известување зошто е тоа така затворите малку поинаку се однесуваат па оние кои што пуштиле претставка ни ги носат во судот.
– Кога сме кај мерките за обезбедување присуство, дали пречесто се определува притворот како најстрога мерка за обезбедување на осомничените ?
Гајдова: За да одговорам точно треба да имам точни статистички податоци и релевантни дали е често, ретко, многу, малку поточно во која мера се прифаќаат или не. Можам да кажам само дека е забележан тренд на почитување на Европската конвенција за човекови права и праксата на судот во Стразбур во однос на определување и издржаноста на определување на мерката притвор.
– Постојат ли примери на застарни предмети затоа што не се донесени дел од обвинетите додека трае судскиот процес?
Гајдова: Да застари дело во пракса во велешкиот суд не се случило. Меѓутоа во два наврати се случи предметите да станат стари предмети, а за стари предмети се сметаат тие за кои што постапката се води повеќе од две години од денот кога е поднесено обвинението пред судот. Можеби е парадоксално меѓутоа еднаш се случи предметот да застари, повеќе од две години, го имавме во работа а ниту еднаш не беше доведен обвинетиот од КПУ Идризово. Откако добивме известување од овој затвор дека обвинетиот завршил со отслужување на казната затвор, сам се појави пред судот. Стануваше збор за обвинет од Гевгелија кој не оставаше впечаток дека може финансиски да си дозволи да дојде до Велес, но кога го пуштија од затвор лицето само си дојде во судот во Велес. Друг пример е донесена одлука од Врховниот суд дека се работи за повреда на начелото за судење во разумен рок. Станува збор за недоведување од затворот Идризово меѓутоа генерално во тие постапки не се лоцира проблемот дали е по вина на судијата или не, туку во суштина државата не создала услови да заврши економично, ефикасно и целисходно постапката на време во законски предвидени рокови.
– Дали некој осуденик поднел барање до Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради судење во неразумен рок пред овој суд?
Гајдова: Не можам да се сетам за предмет поврзан со Европскиот суд за човекови права по одлука на велешкиот суд. Меѓутоа, предмети каде што Република Северна Македонија била тужена и се донесени пресуди за повреда на член 5 поврзан со притвореници и затвореници постои бројка со која што не можеме многу да се гордееме. Можеби се однесуваат најмногу на притворот. Јас не знам дека е донесена одлука но можам да кажам дека свеста се јакне. Мојот став е дека можеби државата ќе биде доведена во ситуација поради непостапување на определени органи во било кои сегменти од општеството, да треба да плаќа штета, затоа што за непостапување се повредуваат членот 6 што се однесува на судење во разумен рок и член 5 кога обвинет е во притвор, а за сведок во постапката е осуденик што издржува затворска казна. Притвореникот го носат , новиот концептот на Законот за кривична постапка дозволува да не можеш доколку е жив и здрав сведокот да го читаш неговиот исказ даден во истрага, па постапката се одложува само поради недоведување на сведокот. И тоа посредно доведува до повредување на членот 5 затоа што притвореникот, неосновано е во притвор.