Страв или љубов – тоа што ќе им дадете, тоа ќе ви вратат
Бездомните кучиња се постојан декор на велешките улици. Индивидуално или во чопор се појавуваат од секаде. Најчесто се мета на несовесни граѓани и трпат удари од камења, јадат храна со отров и „копаат“ по ѓубрето од канти. Но, има и такви луѓе кои го делат својот оброк со нив. Некои ги сакаат, други пак се нивни жртви. Една од нив е средношколката Симона Мицева.
Средношколката Симона Мицева дава изјава на тимот на „Читај и меѓу редови“
– Јас ги сакам кучињата, една случка не го промени тоа но разбуди повеќе страв кај мене. Тоа се случи кога си заминував од дворот на соседката, ја преминав улицата но пред да тргнам забележав едно куче. Се обидов да не му обрнувам внимание, па безбедно поминав до мојата порта. И неочекувано, пред да влезам, истото куче се стрча кон мене и ме нападна. За среќа дедо ми дојде и некако успеа да го тргне кучето кое беше врз мене, рече Мицева.
Апел за помош од „Анима мунди Велес“
Од Здружението на заштита на животни “Aнима мунди” велат дека низ велешките улици има околу 300 кучиња. Голем дел од нив се кастрирани.
Стационарот „Пансион Гиовски“, во село Војница, заловува и третира кучиња но потоа ги враќа на улица. Таму се згрижуваат и бездомните кучиња кои не ги собира во домот на велешанецот Виктор Мазнев. Кај него дома сега има вкупно 30 бездомни кучиња.
Виктор Мазнев со бездомни кучиња во неговиот дом
Општина Велес има законска обврска да ги третира бездомните кучиња на нејзината територија. За таа цел има подготвено План и Програма за кои се предвидени средства од општинскиот буџет кој за оваа година изнесува 2.000.000 денари.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски додека одговара на прашањата на тимот на „Читај и меѓу редови“
-Тие се далеку од доволни за да го решиме проблемот. Едно куче згрижено во „Пансион Гиовски“ дневно општината ја чини 600 денари а кога се третира и оперира вкупно 1200 денари. Тоа значи дека станува збор за сериозна работа која чини многу пари. Решението според мене е во тоа да бидат вкрстени активностите на општината од една и од друга страна да апелираме граѓаните да бидат многу посовесни. Да не ги чуваат кучињата само додека им помине меракот па потоа да ги остават на улица. Исто така треба да апелираме граѓаните, љубители на кучиња, да згрижат или посвојат бездомно куче, рече, градоначалник Аце Коцевски.
Секојдневна глетка на улиците во Велес
Коцевски додаде дека од буџетот на општината за плаќање на оштета на граѓани нападнати од кучиња скитници се издвојуваат високи суми на средства. Во 2017 година по основ на 11 тужби општината исплатила 1.367.250 денари, додека лани висината на оштета општината ја чинела 1.190. 000 денари.
Автор: Меланија Стојанова, ученичка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“
Во подготовката на текстот помагаа: Сара Атанасовска, Ивана Кичукова, Ели Керова, Сара Стојчевска и Ивана Василева ученички во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“