Манасков: Ќе ми простат спортистите, но приоритет ми е санација на училишниот кров, спортската сала ќе почека
Зградата на ООУ „Блаже Конески“ во Велес
Капките дожд кои паѓаа во салата го спречија смечерот да постигне поен за неговата екипа. Истиот проблем ги мачеше и неговите соиграчи. Тоа беше главната причина за да не се одигра квалитетен одбојкарски натпревар. Со овие проблеми се соочуваат младите рекреативци и спортисти во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“ во Велес, која ја користат за тренинзи.
Со секој дожд и снег салата прокиснува, па насекаде се поставуваат кофи кои ја собираат водата.Покрај дождот кој им е чест непријател, младите спортисти се жалат дека играат во студена сала, руинирани тоалети, соблекувални и трибини.
-За мене главен проблем е студот, мислам дека во салата е поладно однадвор, рече Јована Јовановска која долги години тренира одбојка.
Влезот во спортската сала на ООУ “Блаже Конески“ во Велес
Салата во училиштето „Блаже Конески“ постои веќе триесет и седум години и во неа досега ништо не е реновирано, вели директорот на училиштето Јованче Манасков. Тој објаснува дека треба поголема инвестиција за комплетно да се санира покривот на училиштето, но и да се реши проблемот со студот во салата. Радијатори има во соблекувалните, но не и во салата. Манасков најави комплетно реновирање на парниот котел.
Директорот Манасков со тимот на „Читај и меѓу редови“
-Во изработката на техничката документација ќе влезат и радијатори односно грејни тела за во спортската сала, планирано е да бидат поставени под трибините заштитени со мрежи. Констатирано е дека кровот и соблекувалните се во многу лоша состојба, но училиштето треба да аплицира единствено со проектна документација а таа чини пари. Проектната документација за парното чинеше околу 250 илјади денари и благодарение на општина Велес е изработена, рече директорот на училиштето Јованче Манасков.
Но не само во салата, кога врне, тече и во училниците каде што учат вкупно осумстотини ученици. Дел од нив поголемиот дел од денот го поминуваат токму таму, бидејќи го користат целодневниот престој до 15 часот.
-Ние имаме проблем со кровната конструкција на зградата и за основното функционирање на училиштето. Можеби спортистите ќе се налутат но приоритет е санација на кровот на училиштето, додаде Манасков.
За реконструкција и санирање на училишни објекти, Општина Велес, за годинава предвидела 3.000 000 денари. Засега нема информации колку од овие пари би завршиле за реконструкција на кровот на училиштето „Блаже Конески“ и за спортската сала, во која тренираат повеќе младински клубови а има услови и за одржување на натпревари.
Автор на текстот: Филип Јованов, ученик во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“
Во подготовката на текстот помагаа: Сара Николова, Марија Богоевска, Ивона Србова, Иван Ангеловски и Александра Аврамова, ученици во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“