Хуманоста на велешанецот Петрушев стопли срце на деветгодишно дете
И нема крај на радоста на дваесет и шест годишниот Дејан Петрушев од Велес откако го посети семејството на деветгодишниот Милош од село Живиње. Им подари храна, облека, апарати за домаќинства, книги за училиште, а најголема среќа предизвика токму кај Милош кога со другарите, од автомобилот, го истовариле работното биро за пишување на домашни задачи заедно со балонот со хелиум. Дејан не може со зборови да ја опише радоста и кај него и кај домаќините, од неговата посета.
Петрушев дава изјава за „Читај и меѓу редови“
-Премногу сум среќен што донацијата отиде на вистинско место, во вистински раце. Се чувствувам некако лесно, убаво. Родителите на Милош не пречекаа многу топло, најпрво беа изненадени бидејќи не се најавивме и едвај се воздржуваа да не заплачат. Средбата ја договоривме преку наставничката на Милош, рече Петрушев за „Читај и меѓу редови“.
Петрушев со тајфата веднаш по завршувањето на манифестацијата „Богојавление – Водици“ во Велес
Дејан Петрушев е велешанецот кој годинава на празникот „Богојавление – Водици“ го фати светиот крст. Тогаш си ветил себеси, ако го фати крстот, од собраните пари од граѓаните ќе донира во хуманитарни цели. Тој приказната за малиот Милош ја прочитал на фејсбук и многу го трогнала, па решил на каков било начин да помогне.
Милош со мајка си во нивниот дом – тајфата на Дејан со хуманитарната помош пред куќата на семејстото во селото Живиње, кај Куманово
-Немам зборови да ви опшишам во какви услови живее семејството на Милош. Само ќе речам катастрофални. Живеат во две собички, буквално на земја. Имаат само струја и вода. Родителите на детето се невработени, рече Петрушев.
Собрана нова донација за семејството на Милош
По кој знае кој пат доброто дело на Дејан ја потврди хуманоста на велешани за која надалеку се знае. Петрушев не запира тука, вели често ќе го посетува семејството на Милош.
Инаку приказната за деветгодишното дете со срцева мана ја откри ТВ 24 Вести. Оттогаш не стивнуваат реакциите и апелите за помош на неговото семејство, а особено за малиот Милош кој и покрај болеста, за која родителите немале пари да ја лечат, качен на магаре, три часа патува до училиштето.
Автор на текстот: Снеже Петрушева
Во подготовката на текстот помагаа: Васка Андова , Сара Христова, Ивана Андреевска, Марија Алиева и Софија Димова ученици во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“