Центарот „Порака“ и ПОУ „Маца Овчарова“ ја јакнат свеста на учениците во редовна настава за прифаќање на лицата со попреченост во Општина Велес
Со повеќе активности кои имаа за цел подигнување на јавната свест кај младата популација поточно помеѓу учениците од редовните основни училишта во Општина Велес и годинава беа одбележани 2-ри Април – Светскиот ден на лицата со Аутизам како и 21-ви Март – Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
-Преку низа активности, се приклучуваме во кампањата „Попреченоста е само прашање на перцепција“ на Институтот за различности во медиуми од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија. Во соработка со секторот за образование при Општина Велес, на 18 март, во салата на општината, од страна на дефектолозите Весна Басаров и Мирјана Дамњановиќ, беше реализирано предавање за наставниците од четвртите и петтите одделенија како и пред стручните служби на редовните основни училишта на која беа едуцирани за карактеристиките на лицата со Даунов синдром и Аутизам, за значењето на двата светски денови посветени на лицата со Даунов синдром и Аутизам и притоа им беа дадени насоки и наставни материјали за реализација на еден наставен час со нивните ученици. Иницијативата беше прифатена, со големо задоволство, од страна на слушателите кои покажаа желба за посета на час заедно со ученици со Даунов синдром и Аутизам, рече дефектологот Весна Басаров.
Таа додаде дека ученици со аутизам, заедно со дефектолози, координатори на оваа активност, ги посетија редовните училишта на територијата на општината кога наставнички од петтите одделенија одржаа час за запознавање на учениците со карактеристиките и можностите на лицата со Аутизам.
Специјален гостин беше Јордан Андов, лице со Аутизам, поранешен ученик во ПОУ „Маца Овчарова“ и голем активист на полето на подигнувањето на јавната свест за лицата со аутизам. Тој со задоволство ги истакна своите најнови постигнувања и освоени спортски медали како и поетски награди за потоа пред учениците да ги изрецитира поемите „Копачите“ од Кочо Рацин и „Умилкување“ од Петре М. Андреевски.
Исто така, годинава, ученици со Даунов синдром со своите наставнички, дефектолози од ПОУ „Маца Овчарова“, ги посетија редовните училишта во Општина Велес, каде наставничките од четвртите одделенија, по претходно дадени насоки, одржаа час за запознавање на нивните ученици со карактеристиките и пред се можностите на лицата со Даунов синдром. Учениците преку видео презентација, филм, боење на „чорапчиња“ и заедничко дружење го одбележаа овој значаен ден и соопштија дека очекуваат повторна средба.
Општина Велес е една од водечките, која ги заштитува, промовира и унапредува правата на лицата со попреченост, преку низа активности, кои се загарантирани со стратешкиот документ „ЛАПЛИ“ поточно Локален акционен план за лица со инвалидност како редок и служи за пример во државата.
Инаку, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Велес, кој е дел од истоимениот Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост како и од Националниот сојуз на инвалидски организации во Македонија, во континуирана соработка со ПОУ „Маца Овчарова“ и здружение на граѓани „Попи“, пет години ги организираат одбележувањата на двата светски дена, првиот посветен на лицата со Даунов синдром и вториот на Аутизам во Општина Велес со цел да се подигне јавната свест за прифаќање на лицата со попреченост./У.Ј