Менка Данаилова, повоената наставничка по математика која образуваше генерации на Велешани
Една од личностите која заслужува да се најде на листата на значајни Велешани е наставничката по математика Менка Данаилова. Тивка, со мајчинска љубов, оваа жена својот работен живот го помина во Основното училиште „Кирил и Методиј“. За нејзината професионалност, трудољубивост и посебен пристап во совладување на градивото по предметот што го предаваше во образовниот процес најдобро знаат генерациите кои ги образуваше. Кога ученици зборуваат со пиетет низ сеќавања и спомени за прекрасен наставник, другар и жена, што со нив споделувала радост и тага тогаш секој друг збор е непотребен.
Родена во 1919 година, како трето дете на познатиот и многу почитуван свештеник Дамјан Данаилов и неговата сопругата Пандора, Менка, ја исполнила нивната желба да биде образувана жена и наставничка. Таа во 1936 година, завршила учителска школа и веднаш почнала со настава во пониските одделенија во училиштето „Кирил и Методиј“ во Велес.
По окупацијата на Македонија од Бугарија како и многу нејзини колеги била испратена на преквалификации во Русе од каде се вратила на настава во училиштето во Велес со задача да предава математика на повисоките одделенија. Таа целосно се посветила на воспитување на децата и наоѓала моменти кога им зборувала за татковината, дека Македонците не се Бугари, ни Срби, ниту Грци. Менка им велела дека еден ден и Македонија ќе има своја држава.
Приватна фотографија на семејството на наставничката Менка Данаилова
Нејзиниот сон се остварил во 1945 година кога Македонија стана самостална држава во состав на СФРЈ. Наставничката преку својата работа особено е препозната по ослободувањето на Македонија.
„Немаше ученик што не ја сакаше учителката Менка. Таа не беше само учителка туку ни беше и родител зашто со неа освен математика зворувавме и на многу други теми од општа култура, живот, секојдневие. Многу ни помагаше. Најсреќна беше кога ни ги даваше сведителствата за завршено осмо одделение и кога во нив беа напишани добри оценки по математика“, рече Ганчо Царев. Тој денеска не е жив а изјавата, што ја забележав, ми ја даде пред да почине. Вртејќи еден од моите професионални роковници ја пронајдов деновиве и тоа ме поттикна да посветам еден текст и на наставничката Данилова.
Таа не само што била многу почитувана од своите ученици туку посебно била ценета од нејзините колеги на кои постојано им помагала. Но најсреќна била со своите ученици и со своите внуци.
Внукот на Менка, Петар Данаилов
„Мојата тетка Менка долго, не беше мажена. На стари години се омажи за учителот Михаил Индов со кој немаше пород. Токму затоа нас, внуците, не сакаше како свои деца. Јас ја почитував посебно зашто таа навистина беше добра. Беше строга и праведна, настојчива и вредна, во секое време подготвена за помош. Родителски ми укажуваше и ме советуваше да бидам вреден ученик и добар човек а на детските лудории во школската клупа умееше да ме укори и од мене да побара тоа повторно да не ми се случи. Кон неа имам особени чувства и гаев посебна љубов. И благодарам што беше навистина добра учителка и добар педагог“, рече Петар Данаилов.
Тој сега живее во Соединетите Американски Држави и во комуникација ми обезбеди информации кои ми послужија за подготовка на текстот како што се следниве, дека неговата тетка се пензионирала во 1978 година, а од овој свет замина во 2005 година.
Исто така дека таткото на Менка, Поп Дамјан, бил роден во 1874 година и целиот свој живот работел како свештеник во соборниот храм „Свети Пантелејмон“ додека мајка и Пандора, била родена во 1892 година во познатата велешка фамилија Органџиеви, и се посветила на грижата и одгледувањето на своите шест деца поточно на четирите ќерки: Рахилка, родена во 1912 година, една година помладата Нада, Менка која е родена во 1919 и една година по неа родената Мара. Грижата и воспитувањето биле приоритет на Пандора и за синовите Петар, роден 1923 и Боро, роден 1928 година
Стоилко Андреевски