Приказна за Градскиот саат во Велес
Во јануари, годинава, имав прилика да учествувам на изложба на „скечери„, слободни цртачи на европско ниво, на тема „Симболите на мојот град“. Требаше да се достават цртежи со кратко резиме, за симболите и нивното значење. Јас за значењето на симболите кратко напишав „Велес симболи – Градскиот саат …………………….. стариот мост, мало мовче ..“.
Кураторот на изложбата се зачуди, па бараше објаснување. Објаснувањето, што значи Градскиот саат за Велес, беше испратено со кратка, вистинита приказна која Ви ја пренесувам:
„Кон средината на 19 век во Велес се родила машка глава во едно познато, богато, велешко семејство на добри трговци. Момчето растело во типично велешко опкружување, завршило „чколо“ и започнало да го учи занаетот на неговите предци, трговијата. Тоа брзо учело и ги совладувало сите тајни на трговијата на мало и големо, трговијата со гемии и каравани исто така брзо напредувало и веќе неговиот татко му дозволувал да води и трговски зделки. Една вечер, по успешно завршената зделка, момчето малку се запило, со друштвото во кафеана, и во „ситните“ саати се вратило дома. На чардакот во домот го дочекал неговиот татко и на исплашеното момче дека ќе биде укорено, таткото со насмевка му рекол:
– Синко, млад си и дозволиво е ова што го правиш, но ќе дојде време кога ќе мораш сам да решаваш и тогаш ќе ти треба поткрепа. Јас во такви моменти обично шетам и застанувам под Градскиот саат. Таму застанувам и малку подолго стојам а луѓето, на шега, велат дека сум оставал впечаток како да сакам да го купам саатот! Но, не е така затоа што тој стожер секогаш ми давал сила, знам кој сум и од каде сум!!
По овој совет таткото го оставил синот да размислува, а тој легнал да спие.
Не поминало долго време а неговиот син добил можност да замине со еден караван до Будим и таму да тргува. Тоа бил голем успех за него, бил пресреќен а делумно и исплашен.
Навистина, кога караванот стасал до Будим, се содале проблеми со некакви документи, дозволи, а момчето морало да остане малку подолго таму, додека проблемот не се реши. Го фатила паника и веднаш телеграфирал во Велес за да го извести татко му за проблемот. Добил одговор дека целокупната документација ќе му биде одново испратена по пошта а тој да биде стрплив.
Така момчето добило повеќе време да прошета низ големиот град и да размисли за она што му го кажал таткото на чардакот. По една недела, по пошта, во Будим стигнала потребната и целосната документација, во која се наоѓала и една разгледница од Велес чиј мотив бил Градскиот саат. На неа биле напишани само три збора: „Поздрав од Велес !“.
Момчето ја зело и пред себе ја ставило разгледницата во која долго гледало. Потоа со насмевка ја однело документацијата и за кратко работата била завршена.
Штом се вратил во Велес, го пречекал неговиот татко со зборовите:
– Дали сега ти е јасно? Градскиот саат е нашиот стожер, ѕвезда која не води. Има нешто необично во него за Велешани ! Затоа, независно каде но штом има барем еден Велешанец надвор од Велес тој мора да го има Градскиот саат, барем на фотографија.
Приказните се за да се слушаат, бележат и прераскажуваат. Можеби некои не веруваат во приказни, но сепак би завршил со оваа препорака:
„Aко сте Велешанец далеку од дома, ставете ја сликата на Градскиот саат пред себе и ќе видите дека набргу ќе осетите олеснување, задоволство за припадноста на градот кој има срце кое секогаш чука како вашето.“
Авторот Љупчо Данов е Велешанец