Здравковски: Избори во кој за прв пат сме сведоци на слаба излезност и апатија од страна на граѓаните, како во општина Велес , така и во цела држава
Упати честитки за успешниот изборен процес во првиот круг за претседател на Република Македонија до граѓаните и до раководството на велешката Општинска организација на СДСМ за коректниот однос во текот на изборниот ден , денеска, претседателот на Општинскиот Комитет на ВМРО ДПМНЕ Игор Здравковски. На почетокот на прес конференцијата тој рече дека изборниот процес можеби бил еден од почистите и подемократски во поновата историја на нашата држава.
-Ова беше процес во кој за прв пат сме сведоци за една слаба излезност и апатија од страна на граѓаните, како во општина Велес , така и во цела држава. Оваа мала излезност, според нас, се должи на две работи кои се случуваат во последниве години. Првата е немањето визија за иднината, немање никакви инвестиции, немање желба за подобар стандард на граѓаните и слух за нивните проблеми. Ништо од ветеното за подобар живот не е сторено. Дополнителен импулс на целата оваа разочараност, дури и помеѓу членовите на СДС, е лошата кадрова политика на владеачката партија и назначување на неспособни, но гласни партиски војници на раководни позиции, кои наместо да работат за доброто на народот, работат за сопствените интереси. Втората причина за мала излезност е носењето на штетни одлуки непочитување на волјата и одлуките на народот во последните 2-3 години. Имено, сите сме сведоци дека и покрај поразот на парламентарните избори, СДС благодарение на “Чадорот” и “останатите криминалци од ДУИ”, како што ги нарекуваа тие, ги узурпираа институциите. И покрај волјата на народот на 30ти септември, најдоа начин да не ја испочитуваат одлуката. И покрај волјата на народот во однос на договорите со Бугарија, Тиранската платформа и договорот од Преспа, тие останаа глуви на неговите барања. Повеќе никој не верува во правниот систем, рече Здравковски.
Тој додаде дека ОК на ВМРО ДПМНЕ бил согласен со зборовите на лидерот на СДСМ дека граѓаните и политичарите треба да носат тешки одлуки, но не се согласувале дека таквите одлуки треба да бидат штетни за граѓаните. Нарекувајќи ги штетни одлуките на власта, Здравковски, потенцираше дека со нив граѓаните биле доведени во безизлезна ситуација за да помислат дека се веќе било решено со одлука на меѓународната заедница.
-Драги сограѓани, единствено Вие можете да носите одлуки за Вашите животи. Единствено Вие знаете што е најдобро за Вас. Единствено Вие можете да направите разлика, да казните или наградите одлука на секој што бара поддршка од Вас.ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес, Ви честита за правилниот избор во првиот круг. Но, пред конечната одлука за тоа кој сакаме да ни биде претседател на нашата татковина – Република Македонија, има уште две недели. Овие денови ќе има закани, притисоци, убедувања дека се е завршено. Ве молам да издржите, да издржиме заедно и да донесеме повторно уште поголема победа за Македонија со изборот кој ќе го направиме заеднички на 5ти мај, додаде Здравковски.
Тој заврши со зборовите дека татковината заслужува достоинство и многу повеќе од тоа што во моментов и се случувало./У.Ј