Навивачката група „Гемиџии“ и фудбалерите на ФК „Борец“ собираат помош за да спасат две едномесечни близначиња во Велес
Две едномесечни машки близначиња во Велес можат да умрат од глад бидејќи нивната мајка, исто така неухранета, нема млеко да ги дои ниту пари да им купи. Во ништо подобра состојба не се наоѓа ни нивното постаро, осумнаесетмесечно братче. Тие заедно со родителите, мајката Фросина и таткото Ерѓул, преживуваат од социјална помош и привремено живеат во една соба во куќарка кај сточното пазариште во близина на Железен мост во Велес. Таму владее сиромаштија и беда што мора веднаш да се реши ако институциите на државата сакаат да спасат три млади животи како и животите на нивните млади родители.
Вака ја започна својата изјава Дарко Тикваров, член на навивачката група „Гемиџии“ кои заедно со фудбалерите на ФК „Борец“ прво со сопствени донации помогнале а сега поставија каса за доброволни прилози на плочникот пред зградата на театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во која доброволни прилози за спас на неухранетото семејство можат да донираат сите велешани.
-Неухранетоста на бебињата најверојатно е причина и за болеста што ја добиле бронхит па мораа да завршат на детското одделение во велешката болница. Нивните кревки тела се составени само од коска и кожа. Во ништо подобра ситуација не е ниту нивната мајка на возраст од седумнаесеттина години. Стравична беше глетката што ја затекнавме при нашата прва посета на нивниот дом во чија соба има еден регал, два каучи и еден тепих. Нема таму услови за живот, рече Тикваров.
„Гемиџиите“ и фудбалерите на ФК „Борец“ за лошата здравствена состојба на двете бебиња дознале од статус на сограѓани напишан на Фејсбук. Веднаш се организирале и однеле прва помош во основни прехрамбени производи. Додека граѓани успеале да ги спасат бебињата со тоа што ги сместиле на детското одделение во велешката болница, каде добивале млеко а мајката храна, навивачката група „Гемиџии“ и фудбалерите на ФК „Борец“ обезбедиле прва количина на храна и веќе се обратиле во Центарот за социјални работи со барање да се најде куќа во која бебињата, нивното постаро братче и родителите ќе се сместат за да се спасат. Побарале и еднократна парична помош како и помош за трето дете за семејството.
-Ги повикувам сите граѓани на Велес да помогнат. Ние до недела, до големиот христијански празник Велигден, секојдневно од 12 до 20 часот, ќе собираме доброволни прилози пред велешки театар. Исто така каса за доброволни прилози ќе поставиме и на градски фудбалски стадион во сабота на натпреварот Борец – Саса и очекуваме сите љубители на фудбалот што ќе дојдат да го бодрат нашиот тим да донираат средства кој колку може. Граѓаните можат да донесат помош и во храна, облека и други потребни работи за бебиња. Ние максимално ќе се вложиме сите да им помогнеме на бебињата, на нивното постаро братче и родителите да имаат подобар живот и во похумани услови, додаде Тикваров.
„Гемиџиите“ и фудбалерите на ФК „Борец“ апелираат сите граѓани да се обединат и да му помогнат на ова сиромашно семејство. За нивниот спас е потребен секој денар на хуманите сограѓани./У.Ј