Тоцинова, Карова и Хаџиева се најуспешните наставници за 2019 година во Општина Велес
Традиционално прогласување и доделување на наградите во општина Велес на најдобрите просветени работници и на најдобрите ученици кои постигнувајќи резултати, дома и во странство, го промовираат својот роден град и општина се случи на свечена академија по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Нивните постигнати работни резултати се надеж за македонското образование а иновативноста и посветеноста вредности за образување на квалитетни генерации едуцирани ученици, со развиени вештини.
Борка Тоцинова е најдобриот одделенски наставник во 2019 година во општина Велес. Вака одлучи годинешната комисија формирана од претставник на Општина Велес и од колегите наставници. Одделенската наставничка во ООУ „Рајко Жинзифов” од село Долно Оризари е дипломец на Педагошката академија во Штип, на групата одделенски наставник во 1988 година која четири години подоцна се вработила и до ден денешен останала посветено да работи и описменува десетици ученици и генерации во ова велешко подрачно училиште. Тоцинова наградата ја заслужи поради креативноста и професионалноста во работата, за примена на иновациски, современи форми и методи како и техники на учење кои ги споделува со колегите. Со сопствената инвентивност ја поттикнува креативноста кај учениците за што е особено почитувана од нивните родители и од колегите.
Годинешен добитник на признанието за најдобар наставник во предметна настава за 2019 година е Павлина Карова. Таа е вработена во ООУ „Св. Кирил и Методиј” во Велес,откако дипломирала на Природно матеметичкиот факултет во Скопје, на групата биологија, наставна насока во 1993 година. Добар и искусен наставник, професионален ентузијаст кој постојано се едуцира и е почитуван едукатор на свои колеги за подигнување на квалитетот на наставата. Карова е автор на учебник по предметот Биологија за VII одделение како и на CD со дигитални содржини. Таа објавува авторски трудови во прирачници во компонента : „Унапредување на наставата по математика и природни науки“ и во зборникот: „Современа наставна практика V USAID“ во соработка со Министерството за образование и наука. Карова е автор на бројни публикувани наставни часови, проекти и презентации како на министерството така и на меѓународни веб страници. Лична и промоција на училиштето, Карова, реализира на меѓународни конференции во Брисел и во Турција, на кои преку проекти се преставуваат иновативни наставници. Како ментор со своите ученици освоила 20 државни награди и над 150 општински и регионални награди.
Снежана Хаџиева е најдобриот наставник во средно образование во Велес во 2019 година. Според одлуката на комисијата професорката Хаџиева, од ССОУ „Димитрија Чуповски“, наградата ја заслужи за исклучителна посветеност во образованието на учениците во средното хемиско училиште каде годинава е ментор на различни истражувања во хемијата кои и овозможија да се стекне со право на учество на Меѓународна Олимпијада наречена „Битка на хемиските титани“. Таа како ментор со своите ученици освоиле десеттина први државни награди по физичка, еколошка, аналитичка, органска и неорганска хемја како и над дваесет втори и трети државни награди. Како ментор на државни натпревари на хемиско-технолошките училишта во Македонија, Хаџиева, има освоени први, втори и трети поединечни и екипни награди. Освен наградите и медалите професор Хаџиева е издавач на публикации за фармацевтска хемија и скрпти за метода на хемиско-технолошки испитувања на материјали.
Свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методи се одржа во четвртокот, на 23 мај, во општинската сала „Бели Мугри“./У.Ј