Јакимовска, Гелев, Панова, Инѓилизов и Трајков, најталентирани ученици во 2019 во Велес
Воопшто не беше лесно да се избројат сите освоени меѓународни, државни, регионални и општински награди и признанијата на петмината најуспешните ученици за 2019 година кои годинава се добитници на престижното Признание за најталентирани ученици што традиционално, по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј ја доделува Општина Велес. Стефанија Јакимовска, Матеј Гелев, Викторија Панова, Марко Инѓилизов и Михаил Трајков се ученици од основните и средни училишта со кои Велес треба да се гордее и во исто време да се обиде нивните таленти и квалитети да ги сочува, пред да бидат препознаени од европските земји.
Стефанија Јакимовска, од ООУ „Стојан Бурчевски – Буридан” во село Иванковци и Матеј Гелев, ученик во ООУ „Блаже Конески”, Велес се годинешни добитници на признанието за најталентирани ученици во основно образование.
Стефанија е одлична ученичка во IX одделение и надежна поетеса, вљубеник во странски јазици и глума. Добитник е на неколку награди на меѓународните фестивали: „Јанож Сивери“,„Михаил Бабинка“, „Павле Стојановиќ“, „Живко Стојановски Трифундимич“ во Нови Сад, потоа на „Магда Сими“ и „Алекса Шантич“, на државните прва награда на Здружението за наука, култура и литература „Златно перо“ и трета награда на детскиот фестивал „Ракатки“. Таа е добитник на награди и на државниот математички натпревар „Кенгур“.
Матеј е ученик во VIII одделение во ООУ „Блаже Конески“ коj досега освоил награди по математика, физика, природни науки и е талентиран млад актер. Учесник е на Меѓународната Петта иранска геометриска олимпијада, освоил златен медал на финалниот круг и неколку први награди на меѓународниот натпревар „Кенгур“, бронза на меѓународната математичка олимпијада,прва и трета награда на државен натпревар по математика, втори на државен натпревар по биологија и по природни науки, златен медал на државен натпревар по народна техника.
Признанието за најталентиран ученик во средно образование за 2019 година го добија Викторија Панова, ученичка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, Велес, Марко Инѓилизов, ученик во СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, како и Михаил Трајков, ученик во ССОУ „Димитрија Чуповски”, Велес.
Како ученичка во прва година во Гимназија, Викторија, од стручните училишни служби е оценета со високи интелектуални и творечки способности. Досега освоила четири награди за фотографија,за учество на камп за изработка на видео и фотографија за медиумска писменост, талентот го потврдува со освојување на второ место на Европскиот квиз за пари во Брисел во конкуренција на 100.000 ученици од 30 земји откако победува во конкуренција на ученици од 150 училишта на државниот натпревар.
И Марко е ученик во прва година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ со висок интелект и капацитет. Тој освојува трето место на државен натпревар по македонски јазик и литература за есеј, подготви интервју со судијката кривичар и портпарол на Основен суд Велес, Габриела Гајдова во проектот „Читај и меѓу редови“ за медиумска писменост и градење на критички став – „Критинк“ – проект прогласен во 10-те најдобри од страна на Европската Комисија, освојува второ место на конкурс за екологија, учествува во проект во соработка со Парламентарниот Институт при Собранието на Република Македонија, добитник е на 20 награди на литературни конкурси, ликовни изложби, квизови, панел дискусии и дебати. Најзначаен негов успех е второ место на Европскиот квиз за пари во Брисел во конкуренција на 100.000 ученици од 30 земји откако победува во конкуренција на ученици од 150 училишта на домашниот натпревар.
Михаил е ученик во втора година во ССОУ „Димитрија Чуповски”, вљубеник во хемијата, кој себе си се гледа како иден научник. Добитник е на бројни државни и меѓународни награди, меѓу кои за дизајн, златен медал за применета неорганска хемија, прво место на државен натпревар за штанд на училиште како и прво место на меѓународен натпревар по англиски јазик, државните за млади истражувачи, за дизајн по хемија, две регионални награди, учествува на Олимпијада „Менделеев“, а има и неколку освоени втори и трети државни награди по биологија и хемија.
Резултатите што оваа група на ученици ги постигна се вредни за почит и респект затоа што содржат многу вложен труд, совладано градиво, користење на дополнителна стручна литература, пребарувања, истражувања, анализи и секако талент збогатен со мотив да се учествува на натпревари, да се биде меѓу најдобрите и да се освојат награди, рекоа нивните наставници. Како нивни ментори тие имаат најголемо право, покрај родителите, да бидат горди и да ја споделат радоста со своите ученици./У.Ј