Велешани, студенти на „Финки“, реализираа едукативно, забавно – рекреативна игра во ПОУ „Маца Овчарова“
Инклузија на лицата со посебни потреби преку едукативно, забавно – рекреативна игра дизајнирана според нивните можности, запознавање на учениците со правила за да се охрабрат да ги применуваат понатаму во наставата и на тој начин да се јакне нивната самодоверба и можностите за развој. Вака ја опишаа својата проектна активност четворицата велешани Бојан Владов, Тоше Цецев, Виктор Ѓуровски и Сашко Бабуновски, студенти на втора година на „Финки“, кои го слушаат предметот „Медиуми и Комуникации“ и одлучија да спроведат активност во основното училиште за деца со посебни потреби „Маца Овчарова“ во Велес.
Владов, Цецев, Ѓуровски и Бабуновски спроведоа игра со учениците во велешкото училиште, за која претходно ги запознаа со правилата и во која децата како реквизити ги користеа картонче со форма и боја како и коцка. Победник беше ученикот кој прв стигнуваше до целта.
Студентите ги мотивираа учениците за игра.
Играта имаше за цел да го поттикне емоционалниот развој на учениците со позитивни емоционални доживувања и чувства на радост, задоволство, среќа како и да ги оспособи за подобро запознавање и зближување за да развиваат другарство и заедништво преку интерактивна соработка која овозможува да се утврдат знаењата , брзината и спретноста кај учениците.
Владов, Цецев, Ѓуровски и Бабуновски по добиените резултати соопштија дека едукативните, забавно – рекреативни игри ги подобруваат емоционалните и социјални интерактивни врски меѓу учениците од одделенска настава, нивното учество во вакви игри предизвикува позитивни емоционални реакции како што се задоволство, радост, среќа, мотивација и интерес за нивно активно учество како и дека со примена на игровна метода се влијае на подобрување на психомоторните реакции кај учениците поточно конкретна снаодливост ,координација на долните и горни екстремитети./У.Ј