Шест дневен „Марш за Рацин“ во организација на ЕГ Грин Пауер
Шест дневниот планинарски марш, од Велес до кичевски Лопушник, Еколошката групација „Грин Пауер“, го организира во чест на Кочо Рацин, револуционерот, вонвременскиот великан на македонската поезија и една од најсветлите точки во поновата национална историја. Учесниците во маршот, ќе ја одбележат и 76 годишнината од загинувањето на Рацин. Маршот, годинава за прв пат, е составен дел на програмата на престижната културно – поетска манифестација „Рацинови Средби“ што по 56-ти пат се одржува на 6 и 7 јуни во Велес, родниот град на Кочо Солев Рацин.
Учесниците во маршот, поделени во главна група составена од 15 планинари и вљубеници во природата од Велес и од уште неколку македонски градови како и придружни кои ќе одлучат да се вклучат во некоја од етапите, од Велес тргнуваат во раните утрински часови во сабота на 8 јуни.
Збирно место за нив е платото пред споменикот на Кочо Рацин, во центарот на Велес, утрото во 5 часот. Учесниците во маршот ќе поминат низ селата Горно Оризари, Еловец, Стара Чашка, Голозинци , над село Мелница преку седлото Просница до манастирот во Согле. По поминати 19 км планирано е ноќевање во конаците на манастирот.
Втора етапа, на 9 јуни, недела, ќе започне од манастирот во село Согле во 6 часот наутро и за цел ќе го има планинарскиот дом „Стровија“. Учесниците во маршот ќе поминат низ селата Согле, Богомила, Гостиражни и ќе стигнат во Стровија. Вкупна должина на овој дел од пешачењето изнесува 21 км. Тие ќе ноќеваат во Планинарски дом Стровија.
Наредниот ден, 10 јуни, понеделник, учесниците во маршот во 6 часот ќе тргнат на третиот дел од етапата село Стровија преку превојот Барбарас за да стигнат до Македонски Брод. Тие ќе поминат низ селата Долгаец и Зрзе како и покрај велелепниот манастир Зрзе за да стигнат до Македонски Брод. Вкупна должина на овој дел од етапата изнесува 27 км. Тие ќе ноќеваат во Ученичкиот дом во Македонски Брод.
Потоа, маршот на 11 јуни, вторник, ќе ја има етапата од Mакедонски Брод до Кичево која е долга 32 км. По поаѓањето во 6 часот тие ќе поминат низ општина Пласница и низ селата Русјаци, Долни Ораовец, Лисичани, Челопеци, Староец , Бигор Доленци за да ноќеваат во прватни куќи во Кичево.
Во петта етапа, на 12 јуни, среда, учесниците ќе треба да испешачат помеѓу Кичево и село Извор со поминување низ селата Србјани, Манастирски Доленци, Брждани, Јудово, преку планина Голјак се до селата Малкоец и последното, Извор. Таа е долга 26 км и е тешка етапа која ќе заврши со ноќевање во селото Извор, во објект од цврста градба кој не располага со кревети и душеци.
Последната, шеста етапа, е планирана за 13 јуни, четврток, кога во 7 часот наутро од селото Извор ќе се тргне кон Лопушник. Таа е долга 20 км, во двата правци, составена од класична планианарска патека која се користи од планинарите при посета на Лопушник, со движење по земјен шумски пат до местото на загинување на Рацин и продолжува се до врвот Стог. Учесниците во маршот, таму ќе се сретнат со делегациите кои ќе тргнат од Велес за да го посетат местото на загинувањето на Кочо Рацин и да учествуваат во манифестацијата што ќе се одржи на Лопушник. Потоа ќе заминат назад кон Велес и останатите градови во државата.
Вкупна должина на маршот изнесува 156 км и е поделен на шест делници со вкупно пет ноќевања. Маршот е финансиски помогнат од Општина Велес за 15 планинари и вљубеници во природата. За потребите на маршот, е организирано придружно возило кое ќе ја транспортира логистичката опрема и ќе овозможува било каква поддршка за сите учесници. За безбедноста на учесниците ќе се грижи одговорно лице од СВР Велес, од Отсекот за Превенција, и лекар за здравствената состојба на секој учесник. За учесниците кои не можат поради обврски да учествуваат на целиот марш, и одлучија да се вклучат на било која од етапите што сметаат дека може да ја изодат исхраната за нив е од ранец и ноќевањето е по стандардна цена на сместување во зависност од објектот на престој. Засега вкупниот број на пријавени учесници, во целост или во етапи, на маршот изнесува околу педесеттина./У.Ј