Екологистите на „Вила Зора“ реализираат проект за собирање и рециклирање на ПЕТ отпадот
Едукација на ученици од основните училишта за собирање, селектирање и рециклирање на ПЕТ амбалажата што се создава во општина Велес реализираа денеска екологистите на „Вила Зора“. Едукацијата е дел од проектот „Намалување на ПЕТ, преку собирање и рециклирање во Велес“ што екологистите започнаа да го спроведуваат лани, во месец септември и ќе трае до август, годинава.
Станува збор за партнерски проект на друштвото со Општина Велес и фирмата „Павор“ ДООЕЛ Велес. Вкупниот буџет на проектот изнесува 30.000 $,од кои 22.160 $ се обезбедени од страна на Глобален Еколошки Фонд (ГЕФ-ПМГ), додека остатокот е обезбеден од Општина Велес, „Павор“ ДООЕЛ Велес и ЕД „Вила Зора“.
– Собирање, селектирање и рециклирање на ПЕТ амбалажата што се создава во општина Велес, преку подигање на јавната свест, стимулирање на целните групи, како и воспоставување на механизам на соработка на главните фактори одговорни за третирање на ПЕТ амбалажа се цел на овој проект. Сакаме да ги информираме граѓаните на Велес за проектните активности и очекуваме тие да се вклучат во реализацијата затоа што станува збор за подигање на свеста за селекција на отпадот што обезбедува самоодржливост на самиот проект. Тој е иновативен затоа што нуди можност преку добра организираност и интересно спојување на граѓаните, локалните власти и бизнис заедницата, отпадот да не биде ѓубре или проблем туку суровина која ќе биде извор на приход, рече координаторот на проектот Весна Кочова.
ЕД „Вила Зора“ постигна договор со основните училишта во Велес и со поголемите угостителски објекти да ја селектираат ПЕТ амбалажата што овозможува финансиска полза додека откупувачот, фирмата „Павор“ си обезбедува сигурен извор на суровина за откуп. Преку активностите, во текот на целиот проект, инвентивно ќе се подига јавната свест кај најмладите и кај угостителите за правилно искористување на ПЕТ отпадот. Се очекува и пошироко вклучување на граѓаните./У.Ј