ДКСК бара новинарите правилно да го пренесат сработеното додека медиумите и ГО ги очекуваат првите големи санкционирања на корупцијата
Државната комисија за спречување на корупцијата како и новинарите има иста цел, да ги информираат граѓаните и тоа на начин кој ќе обезбеди објективност и целосност во информирањето,смета претседателката Билјана Ивановска. Тоа, според неа, најважно е и треба да придонесе за зајакнување на свеста на граѓаните за да овозможи борбата против корупцијата да биде поуспешна. Ивановска посакува соработката на ДКСК со новинарите да функционира како тим.
– Сепак ДКСК има одредени забелешки но сме отворени за соработка и затоа учествуваме на новинарските обуки со цел да ги разгледаме нашите сознанија . Јасно ни е дека секој гледа да ја заврши сопствената работа но, треба да бидеме свесни дека со новинарите имаме заедничка цел па затоа треба да бидеме тим за да си ги споделуваме за на крајот да бидеме поуспешни. Колку ние како тим ќе бидеме поуспешни и државата ќе биде поуспешна, рече Ивановска.
И покрај отвореноста сепак за непроменетото јавно мислење дека корупцијата не може да се искорени така лесно и едноставно, Ивановска, смета дека причината е во длабоките корени што корупцијата ги пуштила во изминатиот период.
-Но, јас верувам дека со упорна работа, посветеност и професионалност, ќе успееме да ги разубедиме граѓаните. Тоа што ДКСК ќе успее да го сработи потребно е медиумите правилно да го пренесат за да не се пласираат само лоши вести. Кај нас стана пракса лошите вести брзо да се пренесуваат и да се лепат за уво што нели како популарно се кажува. Мислам дека треба да го бараме и доброто во вестите, додаде Ивановска.
Првата антикорупционерка ,заедно со колегите од ДКСК, учествуваа на обуката на тема: Новинарите и институциите во борба против корупција . Ивановска говореше за комуникацијата и соработката со новинарите и медиумите. Обуката ја организираа НВО Инфоцентар и Транспарентност Македонија.
-Соработката на новинарите и комисијата е исклучително значајна за граѓаните да добијат квалитетна и сеопфатна информација за тоа што работи ДКСК и до каде е борбата со корупцијата. Во спротивно граѓаните нема да имаат доволно увид што се случува, до каде се постапките и воопшто дали има шанси функционерите кои што ја злоупотребуваат својата положба да бидат санкционирани, рече Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.
Бејкова смета дека овој состав на ДКСК покажува дека сака транспарентност и да ги информира граѓаните за својата работа што е добар старт. Сега новинарите, граѓанските организации и граѓаните ги очекуваат првите санкционирања на корупцијата во државата и тоа особено на големите случаи на корупција./У.Ј