Родната куќа на браќата Петкович во Башино село
Во Башино село не навраќам често, иако се наоѓа на само неколку километри од Велес. Но, oва доаѓањето беше со повод, ја барав родната куќа на двајцата браќа, Константин и Андреа Петкович, познати преродбеници и дипломати во служба на Русија, кои се родени тука. Тие во селото се познати, дури и име на улица добиле како подарок од своите луѓе, а приказната за фамилијата Мискинови, од која потекнуваат браќата Петкович е позната и опишана во колективната меморија на селото.
Не се навраќам во оваа пригода на историјата на селото и на фамилиите кои од дамнина го населувале Башино село, но само ќе кажам дека Мискинови биле одамна населени и биле трговци со крупна стока. Дури и маалото во кое живееле, на западниот крај на селото, се нарекувало од дамнина – Мискиново маало.
Од раскажувањата на баба Деса, една од најстарите жителки на селото, ги запишавме и приказните како фамилијата Мискинови преку ноќ се збогатила и како поради клетва за тоа, членовите на семејството започнале да се осипуваат и млади да умираат. Дедото Петко, вели приказната, поради тоа ги испратил своите внуци Константин и Андреа во Одеса, а од таму во Петроград, Русија, каде завршиле дипломатија и станале амбасадори од кариера на Русија во повеќе блискоисточни и европски земји.
Постариот брат Константин својата кариера ја започнал од Бејрут, Либан, па преку Црна Гора, Дубровник, завршил во Венеција. Помладиот брат Андреа, дваесет години поминал во дипломатска служба во Риека, Република Хрватска. Нашиот сограѓанин, професор др. Васил Тоциновски, за време на својот работен престој во Риечкото сеучилиште, имал можност од тамошните архиви да го истражи животниот пат на Андреа Петкович и да дојде до значајни податоци за неговиот лик и дело. Тој даде голем придонес во расветлувањето на делото и улогата на браќата во македонската преродба во 19 век. Општина Велес во таа пригода постави во Риека и спомен плоча на куќата каде живеел и работел Андреа Петкович.
Истовремено, до мене дојде и автобиографската книга на Елена Борисовна Гончарова „Мојот прадедо К.Д.Петкович“. Таа е правнука на Константин Петкович и во книгата, со текст и слика, го објаснува семејното стебло. Во книгата се наоѓаат многу семејни фотографии и непознати податоци за Константин, а особено за неговата кариера и книжевното наследство кое го оставил зад себе.
Кратко да кажеме дека браќата Петкович треба да ги вброиме во македонските преродбеници на 19 век, кои рамо до рамо со Џинот, Прличев, браќата Миладинови, потоа Димитрија Чуповски, ја бранеле македонската кауза во Русија во тоа турбулентно време.
Значи, во Башино село дојдов како намерник, истражувач, и слушајќи ги приказните, а потпомогнат и од архивата на Државата на Србите, Хрватите и Словенците, дојдов до некои податоци за фамилијата Мискинови. Димитрија, таткото на браќата, бил еден од десетте најголеми трговци со жито не само во Велес, туку и во тогашна Румелија, покраина на Отоманска Турција.
Мискинови во селото важеле и како добротвори, бидејќи донирале доста пари за селската црква и училиштето, кое во тоа време имало и посебен дел, женско училиште. Последниот од фамилијата Мискинови бил Коце Мискин, за кој велат дека бил учен човек, но живеел сам и запустен , а така и умрел. Тој редовно добивал по пошта весници, кои ги читал сред село, кај фурната, а селаните го помагале давајќи му храна.
Мискинови имале две куќи во селото. Постарата куќа била мала додека „новата“, како што ја викале, била голема, двоспратна куќа од камен и со фасада, чија пластика и ден – денес оддава карактеристики на моќ и богатство на некогашната прва фамилија во селото. Преданијата велат дека во куќата, која веројатно имала и некаков дипломатски имунитет, често се криеле и преноќевале луѓе кои биле барани од турските власти, пред се поради револуционерни активности. Тука турската власт немала ингеренции и ја избегнувала идејата за вршење претреси и рации.
За жал, денес куќата е запустена, кровот е пропаднат и е потребна итна санација. Информацијата за куќата веќе ја има локалната самоуправа, но и Амбасадата на Русија во Македонија, па можеби заедничката соработка на двете заинтересирани страни ќе доведат до успешна реконструкција на ова велелепното здание, ретко во нашите селски средини.
Ефектот ќе биде двостран. Башино село и Велес ќе добијат репрезентативен објект, куќа, во која може да се направи музејска поставка, со достапните материјали за браќата Петкович и фамилијата Мискинови. Истовремено и Русија ќе добие културна точка, која поддржана и од Славјанскиот универзитет во Свети Николе, би можела да допринесе за поврзување на културите меѓу двете држави. Секако и Башино село ќе биде истакнато на културната мапа на двете заинтересирани страни и ќе биде посредник во зближувањето на рускиот и македонскиот народ.
Овој текст нека биде потстрек за зближување и соработка меѓу две култури, два народи, кои се блиски и по вера и по културни вредности. Ова куќа е раритет и вреди да се реконструира и заштити.
Љупчо Данов