Започнува со работа X Фактор Акцелератор во Велес
Првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, основан од инвеститори со големо практично искуство во креирање, управување и поддршка на развојот на успешни стартап бизниси, има за цел да го поттикне и регионалното претприемништво преку раздвижување на стартап сцената надвор од главниот град на државата.
Во наредните 30 месеци предвидена е имплементација на акцелераторската програма „Заедно растеме“, со која ќе се обезбеди нѐ само едукативна, туку и финансиска поддршка за развој на почетни иновативни бизниси, кои имаат голем потенцијал за раст. Проектот , предвидува два инвестициски циклуси, со почетни инвестиции од максимум 30.000 евра да се финансираат најмалку 10 атрактивни стартапи, а неколку од нив кои се со најголем потенцијал за раст, да се финансираат со дополнителни средства од максимум 70.000 евра, во фазата на понатамошни инвестиции.
X Фактор Акцелератор е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со Светска банка, преку инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно – технолошки акцелератори.
Седиштето на акцелераторот, www.xfacc.mk, е во строгиот центар на општина Велес, на ул. Борис Карпузов број 1, во деловни простории специјално опремени и дизјнирани за потребите на неговите корисници. Таму во понеделник, на 1 јули, се организира “Opening Meetup” поточно еднодневен настан на кој покрај церемонијалниот дел, со што и официјално ќе се означи почетокот на првиот инвестициски циклус, ќе се одржи и првата од серијалот панел дискусии на тема “Бизнис разговори за успешен стартап”.
Во првиот дел, воведно обраќање, ќе имаат и Потпретседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските сектори, д – р Кочо Анѓушев, како и Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски. Панелисти на работната сесија ќе бидат Михаил Китановски од Д2ЕМ Консалтинг, како водечки консултант и д – р Игор Андреев, кој воедно е и дел од менаџерскиот тим на акцелераторот.
Така ќе стартува и серијалот од повеќе слични настани во пред – акцелераторската фаза, на кои сопствениците од првата генерација стартапи ќе имаат уникатна можност, со експертска поддршка да ги унапредат своите бизнис модели и да ги зајакнат вештините за градење тимови, маркетинг, продажба, финансии, проектен менаџмент, управување со ризици и сл..
Настанот ќе биде одлична можност и за меѓусебно запознавање и вмрежување, како и споделување know – how и искуства помеѓу претприемачките тимови кои се во понапредна (Product/Market fit) фаза, со оние кои се во порана (Problem/Solution fit) развојна фаза, на кои сеуште, клучниот предизвик им е креирањето на првичните верзии на производот или услугата./У.Ј