Крстевски: СДСМ, од утре, на директни средби со велешани за да ги слушне нивните барања и потреби
Заврши изборниот циклус на локално ниво во Општинската организација на СДСМ во Велес. Освен изборот на дипломираните економисти, Стево Крстевски за претседател и на Никола Димовски за секретар, избрано е и новото локално партиско раководство за кое првиот социјалдемократ во градот , на денешната прес конференција, рече дека поседуваат капацитет и нова енергија кои и биле потребни на партијата.
– Се обврзавме пред граѓаните дека ќе направиме промени и ќе воведеме нов модел на делување. И тоа и ќе го сториме. Затоа што за нас, ЗБОРОТ ВАЖИ, рече Крстевски.
Тој најави соочување со велешани, на лице место, на маалски и урбани средби на кои ќе се разговара за успесите гипостигнале во изминатите две години, но и за сеуште отворените прашања, за граѓанските приоритетни потреби за обезбедување на поквалитетен живот во локалната заедница.
– Со граѓаните ќе разговараме за подобрување на работата на локалната самоуправа, градоначалникот, централната власт и на сите институции, за да се забрза напредокот на општеството! За да го постигнеме тоа, целата структура на СДСМ се става на располагање. Почитувани граѓани, Ве покануваме сите да се приклучите, да бидете гласни и јасни во своите барања. Тука сме да го слушнеме вашиот глас и да делуваме. Всушност, сите ние, ви стоиме на располагање. Заедно со Вас ги донесовме промените, заедно со Вас победивме петти пат, заедно со Вас продолжуваме да го забрзаме напредокот, за подобар живот, на сите граѓани низ целата земја, додаде Крстевски.
Тој очекува на средбите со граѓаните да произлезат конкретни решенија за подобрување на патната инфраструктура во општината, поправки и изградби на нови улици и патишта, за спроведување на добри практики кога за одржување на хигиената што ќе гарантира чист и добро уреден град без смет како и подигнување на јавната свест на граѓаните за создавање на нов лик и имиџ на Велес. /У.Ј