Целосна санација на карпата „Цуцка“ од септември, годинава
Градежен факултет од Скопје до крајот на месецов треба на Јавното претпријатие за државни патишта да му достави проект за целосна санација на карпата Цуцка во месноста Долни Дуќани во Велес. Пректот ги содржи мерките на експертите со кои треба да се заштити карпестиот масив за да не се повтори случката од пред шеснаесет месеци кога Цуцка се распука и се свлече на регионалниот пат Велес – Градско притоа затрупувајќи делови од регионалниот пат и од железничката пруга Скопје – Гевгелија. Тогаш, во огромно карпесто парче се заби машина на ЈП „Македонски железници – Транспорт“. За среќа, машиновозачот и помошникот поминаа со полесни повреди.
Според директорот на државното претпријатие за патишта , Зоран Китанов проценките на експертите се дека целосната санацијата на Цуцка ќе биде двојно поскапа од првичните пресметки.
– Првичната проценка за санација изнесуваше 25 милиони денари. Сегашната на Градежен факултет изнесува 80 милиони денари . Не е проблемот само карпата туку целосниот карпест масив кој треба да се минира, свлече, обработи и исфрли. Само така може целосно да се реши проблемот, рече Китанов.
Тој додаде дека зафатот на Цуцка треба да се реализира на многу поголема површина од првично предвидената. Колку таа точно ќе изнесува, во површина, ќе се знае на крајот на овој месец. Штом Градежен факултет го предаде проектот ќе следи постапка на распишување тендер за изведувач и негов избор, почитување на роковите за жалба и како што предвиде Китанов започнување на изведбените работи во месец септември, годинава.
Нецелосно завршената санација на карпата Цуцка и оштетениот дел на регионален пат Велес – Градско се чести теми на велешани кои објавуваат статуси на фејсбук. Тие најчесто се шегобијни и упатени кон Општина Велес со содржини за неспособност да се реши проблемот и да се обезбеди безбедно минување по патот на јужниот излез на градот./У.Ј