Кинеските патнички возови со први технички проблеми што можат да се сервисираат во Кина
ЈП „Македонски железници“ се соочува со технички проблеми на кинеските патнички возови набавени пред четири и пред три години. Четирите моторни и двата електрични возови, тогаш во државата стигнале исправни но сега не се, призна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
– Меѓутоа во краток временски период тие станале неисправни и треба да се сервисираат во Кина што создаде сериозен проблем. Тоа говори дека потрошените средства за набавка на овие возови се непродуктивни затоа што од овие возови граѓаните во моментов немаат бенефит, рече Сугарески.
Тој потврди дека во 2015 и 2016 година на кинеските возови не бил направен технички прием. Сепак додаде оти се надева дека состојбата нема да биде иста и со трите локомотиви што од Кина треба да стигнат набрзо откако една беше испорачана пролетва. Тие чинат вкупно 8 милиони евра наспроти 25-те милиони евра што државата ги плати за шесте патнички возови.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев, говорејќи на оваа тема, соопшти дека државата веќе повела спорови. /У.Ј