Концесионерот „Кепс груп“ бара дозвола за ископ на топилничарската депонија и транспорт на троската од Велес
Компанијата „Кепс груп“ од Скопје која ја доби концесијата за експлоатација на минералната суровина од топилничарската депонија со троска на 16 јули, годинава, поднела барање за добивање на Б интегрирана еколошка дозвола. Тоа е последната фаза пред започнување со ископ и транспорт на троската. Стручните служби на Општина Велес го разгледувале барањето и според градоначалникот Аце Коцевски пристапот ќе биде внимателен поради големата количина на остатоци од кадмиумова, оловно -цинковна руда како и други тешки метали кои ќе треба да се исцрпат и транспортираат низ градот.
– Поради дваесет и четиричасовните активности што ќе се спроведуваат во наредните 48 месеци и влијанијата што можат да ги предизвикаат врз животната средина, поради транспортот на материјалот низ улиците на градот, на патот кон Солун мораме да бидеме внимателни., рече Коцевски.
Општината се обврза дека ќе ги почитува законските рокови за издавање на Б интегрираната дозвола но, и законската обврска која предвидува учество на јавноста во јавна расправа за експлоатација на суровината. Граѓаните ќе можат да дадат сугести и предлози. Тие ќе бидат земени во предвид и потоа ќе следи издавањето на дозволата./У.Ј