Наскоро ДКСК ќе соопшти нови 12 случаи на откриена корупција во кои укажувачи се граѓани, соопшти на семинарот на ЦИВИЛ, претседателката Ивановска
Највисок процент на корупција има во судството поради наменските судски одлуки и тоа е најслабата карика во борбата со корупцијата во државата. Вработувањата во државните институции се на второ место, покажаа анализи и анкети со граѓаните на Државната комисија за спречување на корупцијата. Во моментов ДКСК анализира 180 институци во државата со цел точно да утврди колку граѓаните ги чинат привелигиите на функционерите. Според првата антикорупционерка, Билјана Ивановска патните трошоци и апанажата се првите функционерски привилегии што треба да се укинат. Набзо ќе бидат соопштени резултатите.
На првиот ден од семинарот на граѓаската организација Цивил на тема „ Институциите, медиумите и граѓанскиот сектор заедно во борбата против корупцијата во државата“ што се одржува во Велес, Ивановска, соопшти дека во изминатите шест месеци дванаесет укажувачи, граѓани и вработени во јавни институции како и во јавните претпријатија, пријавиле случаи на корупција кај овластено лице во Државната комисија. Формираните предмети се во завршна фаза и наскоро ќе бидат соопштени на јавноста.
– Не можам да ви откривам за какви случаи станува збор бидејќи се укажувачи ниту кој се тие лица. Кога ќе се заврши целата постапка тие предмети ќе дојдат на седница и ќе се кажат како предмети по сопствена иницијатива. Никаде нема да се спомне укажувачот, додаде Ивановска.
Измените во Законот за укажувачи овозможуваат максимална заштита на укажувачот. Првата Антикорупционерка во државата од една ги охрабри а од друга страна им гарантираше максимална заштита на идентитет на граѓаните кои ќе пријават корупција во државни институции, јавни претпријатија па и во приватниот сектор.
– Сите укажувачи треба да знаат дека се заштитени од наша страна, дека ќе имаат добра соработка за да се фати на дело оној што им бара поткуп. Другата страна, службените лица, со кои ние треба да работиме како институција преку обуки за јакнење на личната и институционалната свест за тие да не се доведуваат во ситуација некој да им понудува било што за да си ја завршат работата, додаде Ивановска.
И учесниците, претставници на граѓански организации и медиуми, на семинарот гласаа формираа ранг листа на корумпираност според која највисок процент на корупција во државата има при вработувањето, во тендерските постапки и во јавните набавки, а следат медиумите, политичкото финансирање, привилегиите на функционерите, субвенциите, социјалната правда и невладините организации. /У.Ј