Силниот ветер, синоќа, турна топола на фудбалското игралиште во Превалец
Силниот ветер што синоќа го зафати Велес турна стеблото на топола, високо дваесеттина метри, на фудбалското игралиште во населбата Превалец. Околу 19.30 часот, дел од стеблото паднало на игралиштето на кое петнаесет минути претходно тренирале фудбалерите на ФК „Превалец“ и за среќа во моментот на случката се наоѓале на друг дел на теренот.
-Нема повредени фудбалери но глетката беше стравична, вели тренерот Диме Маневски.
Управата на клубот за случката информирале во Општина Велес од каде денеска на лице место излегла инспекторката за заштита на животна средина Билјана Шуркова Манаскова. Претходно општинската комисија за постапување со оштетени дрвја направила увид и ја обележала тополата за сечење но било потребно време за да се обезбедат услови за сечење на високи дрвја па затоа до вчера не била исечена тополата.
– Бидејќи е останат голем дел од стеблото на распуканото и паднато дрво како и за уште други две стебла веќе е издадено решение за сечење на ЈКП Дервен. Постапката е итна и треба да заврши до 25 август, рече инспекторката.
Според Шуркова Манаскова освен паднатата ќе треба да се исечат уште две други стебла на канадска топола околу фудбалското игралиште додека на шест ќе им се кастрат гранките.
– За другите дрвја, за кои во првиот момент е одлучено само да им се искастрат гранките, ќе се обратиме до шумското стопанство Бабуна како покомпетентни за вакви високи дрвја да ни дадат и нивно мислење. Доколку биде донесена одлука да се исечат, ќе биде постапено, додаде инспекторката.
Општинската инспекторка апелира до велешани во услови на јак ветер или доќд, поточно невреме, да не стојат или да не ги паркираат своите автомобили под дрвја и дрвореди. Особено тоа да не го прават под крошните на неколку децениски дрвја./У.Ј