Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

GORSKI fin

Постари велешани, кои биле собеседници и сведоци на спортскиот живот на Велес,испратија  свои сеќавања преку кои даваат придонес во статиите што ги објавивме и ги посветивме на Спортските клубови во нашиот град, во периодот помеѓу двете светски војни. Податоците што ги добивме од проф. д-р Тодор Јакимов и од Стојна Стојадиновиќ се досега не објавени и до нив тешко можеше да се дојде ако тие не ги напишаа.

Текстов ќе го започнеме со малку познатите иформации, од овој перод во градот, што проф. д-р Јакимов, ни ги стави на располагање. Нив изворно ги пренесуваме:

„На левата страна од ,,Стар мост”, на Вардар, на самиот почеток од раскрсницата на Сарачката чаршија и улицата што води кон Читкушова чешма постоеше една квадратна широчина со дуќани, сите еднакви, наоколу наредени во форма на буквата „П“,лево и десно по 3, а во челото 5 дуќани, од кои во средниот беше сместена музичката секција на клубот ,,Горски”.

Тие дуќани веднаш по војната беа срушени и изградена еднa гломазна сива зграда која и денес постои на тоа место, позната под мето ,,Малина”. Сликата која ја објавувате е направена токму пред таа просторија на клубот „Горски“, каде што по цел ден играв. Бев страствен навивач, ,,фан”, на клубот ,,Горски”, уште од мал и не прoпуштив ниту еден негов натпревар. Бев таму и секоја вечер, токму пред таа просторија, во која по затворање на чаршијата се собираа членовите кои вежбаа и се забавуваа со мандолините во раце. Ги познавав скоро сите членови кои ги наведувате во статијата, а дел од нив се и на фотографијата. Повеќето беа дуќанџии од чаршијата. Дресовите на ,,Горски” беа жолти, со црни вертикални линии, додека фудбалерските гаќички имаа црна боја.

Клубот “Слога” беше монополски, имаше свои простории и сопствено игралиште веднаш пред велешкиот Монопол, каде фудбалерите ги играа натпреварите. За време на војната, монополската власт, игралиштето меѓу монополот и управната зграда го претвори во парк со зеленило. Клубот не беше многу омилен, барем за нас навивачите на ,,Горски”. Дресовите на клубот ,,Слога” беа црвени а фудбалерте носеа бели гаќички.

Клубот ,,Будуќност” беше составен претежно од членови - занаетчии од чаршијата, повеќето од нив имаа дуќани на левата страна на градот. Тоа беа симпатични момчиња, вредни на работа а надвор од работното време посветени на фудбалот. Тие сами се грижеа за спортската опрема: дресови, гаќички, кондури и топки. Таков беше случајот скоро со сите клубови. Кондурите им ги правеа кондураџии во Сарачка чаршија. Дресовите на ФК ,,Будуќност” беа слични како сегашните на ,,Барцелона”, со вертикални вишно-сини линии.

Клубот ,,Напредок” е меѓу најстарите и сосема коректно е прикажан во статијата,меѓутоа во периодот по 1930 година клубот како да се разводни, да се осипа.

 

Втората Ваша приложена слика е од клубот ,,Победа” . Тоа беше клуб на Којничани со најголем број на фудбалери - играчи кои живееја на Којник. Имаше своја клупска просторија во тогашниот градски парк на локација на која денеска се наоѓа Здравствениот дом. Во центарот на паркот постоеше српски споменик на Јован Бабунски. На педесетина метри од споменикот беше осамената парковска просторија на клубот. Тука вежбаше и нивната музичка секција. Дресовите на клубот „Победа“ беа бели, со хоризонтална црвена линија на градите.

Сите пет клуба во тој период беа активни, играа градски натпреаври, но и со гостински клубови од околните градови. Во секоја недела, како посебен ден од седмицата, се играше фудбалски натпревар во Велес.

По 1930 година фудбалското игралиште беше на околу стотина метри под тогашната касарна, од левата страна на прилепското џаде. Имаше дури и мала дрвена трибина на централниот дел. Таа локација, денеска, би се наоѓале помеѓу ООУ ,, Блаже Конески“ и Заводот за здравствена заштита, Хигиенски.

Подоцна и за времена војната игралиштето беше преместено погоре, на левата страна на истото џаде, во непосредна близина на денешен ,,Брако”, на местото на кое се наоѓаше поранешната ,,Пожарна“, напиша проф. д-р Јакмов.

Благодарност за ове сеќавања на проф. Јакимов. Искрено се надеваме и ја очекуваме неговата идна соработка за продуцирање на што повеќе материјали кои вредат да бидат забележани, обелоденети пред јавноста и архивирани како сеќавања како за времето кое е дел од спортската така и за градската историја на Велес.

Сличен допис ни испрати и велешанката, Стојна Стојадиновиќ. Таа е ќерка на Јордан Лазаревски – Цвајот, кој се споменува како играч на ФК ,,Победа”. Во текстот, што ни го испрати, Стојадиновиќ напиша:

,, Не можам да ви опишам какви емоции предизвикавте кај мене додека го читав написот за ,,Партал- Победа”, особено споменот за татко ми Јордан Лазаревски. Затоа ви ги ставам на располагање следниве податоци. Татко играл како лев бек, а прекарот ,, Цвај” го добил поради тоа што играл и истовремено вредел како за двајца фудбалери . Имал многу јак шут. Без разлика што бил одбрамбен играч тој од таа одбрамбена линија, без да дојде до еднаесетерецот, успевал да ги полни мрежите на противниците. Татко дал многу голови.

Нему, фановите и верните навивачи, му ги пеале следниве зборови:
,,Цвајче, бекче, пенал пуца - гол збуца!``.

FUDBALERII fin

Сликата што ја објавивте на која го прикажавте тимот на велешка ФК ,,Победа“ и јас ја имам. Фудбалерот кој клечи од десната страна до голманот е татко ми Јордан Лазаревски Цвајот. Ви благодарам за потсетувањето и за спомените кои ги разбудивте кај мене, моето семејство, семејствата на тогашните фудбалери и на сите наши сограѓани кои живееле тогаш и до ден денешен живеат за фудбалот во Велес. Особено благодарам што оставате пишани документи и секако траги за личности во нашиот град, за настани што вредат да бидат запишани, да се препрочитуваат додека се пишуваат нови и да бидат достапни документи, ” напиша Стојна Стојадиновиќ.

Овие две писма, ме поттикнаа, денешната статија да ја завршам со следниве неколку збора.Спомените и сеќавањата се во нас, тука некаде, само треба мотив и поттик да се повратат.Доколку имате некој нов момент, спомен или укажување, Ве молам слободно обратете се, добредојдени сте. Она што особено треба да го имаме се и фотографиите. Доколку ги имате и со нив може да се илустрира напишаново или пак ново пишување на текст, ставете ни ги на располагање, ние ќе ви ги вратиме.


Вашиот Љупчо Данов,
хроничар

 

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

lifer gif 300x250 Duma

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

АПЕЛ ЗА ПОМОШ НА СЕМЕЈСТВОТО МАНЕВИ

На 20 декември 2019 година во пожарот што изби во комплексот Варналиите, во Велес, на улица: „Јован Наумов Алабакот“ целосно е оштетена и куќата со реден број 10 на семејството Маневи во која живееја Љубица и Бојан. Огнот ги пеплоса покуќнината, мебел, технички апарати и гардероба. Тие немаат каде да живеат. Засега се згрижени кај роднини. На Љубица и Бојан им е потребна граѓанската помош и поддршка. Граѓани, да му покажеме на ова семејство, дека не е само во загубата на имотот. 

Пред и за време на новогодишните и божикни празници, секој од Вас колку што може нека донира на сметка 210-5016284563-22, депонент НЛБ Тутунска Банка АД Скопје. Сопственик на сметката е Манева Љубица со живеалиште на ул. Јован Наумов Алабакот број 10 во Велес. Број на повикување за физички лица е 289, за правни лицае 262, со назнака донација.

За добронамерните граѓани надвор од Македонија уплатите можат да се вршат на IBAN Code MK7210501628456322, SWIFT TUTNMK22.

 
   
   
   
   

Најново