Центар за жртви на семејно насилство отворен во Велес
Центарот е само еден од вкупно 10 специјализирани сервиси за жртви од родово базирано насилство во 6 плански региони на територијата на РСМ. До крајот на годината вакви центри ќе имаат Скопје, Куманово, Тетово, Штип, Кавадарци, Битола, Прилеп и Велес. Министерката за труд и соцјална политика Мила Царовска вели дека реализираат приоритет за обезбедување на заштита и поддршка за секоја жена и девојка.
– Паралелно работиме и на превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искорениме овие појави од општеството, додаде Царовска.
Владата на РСМ го усвои Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција за период 2018-2023. Во неговата изработка беа вклучени релевантни институции, граѓанскиот сектор, претставници од законодавниот дом и судии. Со цел усвојување на единствена правна рамка што ги уредува сите форми на родово базирано насилство се подготвува нов Предлог закон, кој ќе ги опфати сите форми на родово базирано насилство.
За оваа година Владата издвои двојно повеќе средства, односно 6 милиони и 400 илјади денари за имплементација на Конвенцијата и отворање на сервиси за поддршка на жртви од родово базирано насилство. До крајот на годината е предвидено отворање на кризни центри за жртви на семејно насилство во Прилеп и Штип.
Во моментот во скопскиот регион има воспоставено СОС линија, кризен центар за 24-48 часа сместување, долгорочно сместување до 6 месеци во шелтер центар, психо-социјална поддршка во прв семеен центар за жртви сторители и деца и правно зајакнување.
Исто така, со Законот за социјална заштита, освен што се унапредуваат социјалните права и трансфери кон граѓаните, се дава основа за плурализација или развој на социјалната заштита. Ова се постигнува преку пренесување на услугите на локално ниво и вклучување на социјални партнери, како здруженија на граѓани или приватни компании коишто можат да нудат услуги во име на државата./У.Ј