Обемната документација не спречува да ги добиеме парите од мерката за предадено јагне во кланица велат сточарите додека МЗШВ го тврди спротивното
Субвенцијата за откупено и заклано јагне во кланица сточарите ја чекаа со години но, сега кога Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја прифати тие се убедени дека не ќе можат да ја искористат поради обемната документација и кусиот рок за аплицирање. Со мерката што ја прифати Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ним им следува по 400 денари од грло, предадено и заклано во кланица. Како да стигнат до парите, организирани од Сојузот на овчари на Македонија, и со само еден преставник на кланица се договараа денеска на состанок во Велес. Но не им дојде преставник од МЗШВ за да ги исслуша.
– Се бара потврда од Кланица за предадено јагне што треба да ја контролира и Агенцијата за храна и ветеринарство. Така наместо за неколку дена постапката се развлекува со месеци. Кланичарите не за еден или два месеци туку и за шест месеци не можат да ги подготват документите, рече сточарот Митко Јанков, претседател на велешкото здружение „Агроцентар“.
Постапката да се поедностави со преглед што ќе го подготват кланиците и ќе го достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од каде со препраќање до подрачните единици ќе се утврди точниот број на предадени и заклани јагниња во кланица, од секој сточар во државата, гласи договорениот предлог на сточарите.
– Да може секој сточар носејќи ја откупната белешка, матичниот број, РБО бројот кој се однесува на матичните одгледувалишта или даночниот број на фирмата, штом отиде во подрачното одделение да докаже дека предал точен број на јагниња во кланица и побрзо да му се исплатат парите, додаде Јанков.
Според сточарите, преставник на министерството немало на состанокот бидејќи работеле на продолжување на временскиот рок за мерката, што првично истекува на 15 декември. За нив отсуството е неприфатливо штом тие денеска ги затвориле трлата и стигнаа во Велес од сите страни на Македонија. Во исто време направја споредба со висината на овој вид субвенција што ја добиваат нивните колеги во Србија каде изнесувала 1.000 денари по грло.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на новинарско прашање одговори дека не постои проблем бидејќи сите фармери кои ги предале јагнињата кај регистрирани откупувачи ќе ја добијат дополнитената субвенција за предадено јагне во кланичен капацитет, за што кланичарите се должни да издадат потврди како доказ дека јагнињата ги откупиле и заклале. /У.Ј