Акцијашите засадија садници чемпрес во дворот на болница во Велес
Во тревникот на паркингот кај главниот влез во зградата на ЈЗУ Општа Болница и покрај брегот спроти зградата на Хирушките амбуланти засадени се 30 садници со чемпрес. Садниците ги засадија дел од членовите на Работната бригада „Кочо Рацин“ на Здружението на граѓани „Акцијаши ветерани“ во неделата на 15 декември.
– Садниците ги добивме како донација од нашите пријатели од ЗГ „Кумановски акцијаши“ на средбата пред седум дена во Куманово откако таму присуствуваа и засадуваа садници членовите на Младинската работна бригада „Кочо Рацин“ од Велес. Дел од садниците со чемпрес ги засадивме во дворот на болницата во Велес а дел или 40 садници ги подаривме на Општина Чашка, рече Делчо Костов командант на акцијата.
По засадувањето на садниците, акцијашите и домаќините, поразговараа за наредни активности пиејќи чај.
Ова е втора акција на акцијашите во дворот на болницата.
Првата се одржа летото кога беше целосно исчистен од жбунови и трња задниот дел на Одделението за детски болести./У.Ј