Од Омер Сефедин до Мустафа Берикетли, нашите не-познати сограѓани
Денес, кога турската заедница во Македонија го слави празникот, „Ден на наставата по турски јазик“ во нашата земја, со гордост треба да истакнеме неколку моменти од историјата на стар Велес, непосредно поврзана со овој настан. Велес отсекогаш бил расадник на интелектуалци, мислители и луѓе кои ја пишувале Балканската, но и светската историја.
Иако пишував, уште еднаш ќе се навратам на турскиот офицер Омер Сефедин, човекот кој служел воен рок како турски офицер во гарнизонот во Велес. Тој престојувал, работел и живеел точно пет години пред да замине и да учествува во Младотурската револуција, предводена од Мустафа Кемал Ататурк и неговите соборци, младите турски револуционери, кои повеќето дошле токму од Македонија.
Омер Сефедин се борел на страна на Младотурците во татковинската војна. Бил и заробен и разменет во Грција. Се демобилизирал и започнал со пишување. Тој станал иницијатор на модерната турска литература и добар раскажувач, а за јазикот напишал :
,, Нашиот мајчин јазик е турскиот, а него мора да го издигнеме на ниво на литературен јазик“ .
На 11 Април 1911 година анонимно ја напишал статијата што станала всушност првиот Манифест на модерниот турски јазик . Тој во неа ќе напише дека модерниот турски јазик ќе се развива како литературен јазик врз основа на турскиот став за потребата од подобрување на начините за комуникација меѓу Турците. Модерниот турски јазик би се темелел на шест принципи :
1. Арапски и Персиски граматички правила и правилата базирани на исклучоци на фразата да не се користат повеќе.
2. Од овие јазици , во турскиот јазик, ќе бидат во употреба зборовите на тие јазици, но во турскиот ќе се користат во согласност со евалуација.
3. Зборовите од овој јазик, треба да бидат напишани како тие се користат во турскиот јазик.
4. Други турски дијалекти и зборови не треба да се преземат.
5. Сите арапски и персиски зборови, нема потреба да се користат па ќе се продолжи со користење научни термини .
6. Говорот ќе биде врз основа на Истанбулскиот турски јазик.
Мустафа Кемал Ататурк личен пријател на Омер Сефедин
Сега можеме да ја резимираме формата :
“Истанбулскиот турски јазик ќе се земе како основа“ … Еве, овој принцип го вовел во модерната турска литература Сејфедин. Вака станал еден од најголемите пионери на турската литература.
Во неgовите раскажани приказни , кои оставаат траги од живот кај сите нас, се делат совети за турскиот национален идентитет , за било која возраст, со карактерни црти кои никогаш нема да изумрат. Тука се расказите како „Мравка“, „Таки мистик“, „Форса“, „Евангелието на Пинк Робе“, „Мухсин Челебија“ , кои исто така, не е можно да се заборават .
Омер Сефедин продолжува да напредува и го отвора патот за модернизацијата на современиот расказ. Тој ќе биде иднината на сите други литературни правци во новиот турски јазик . “Новиот јазик” стана движење и еден од најголемите подароци што понуди национален идентитет и гордост. Овој турски бесмртен раскажувач починал на 6 март 1920 година, прерано, од шеќерна болест, на само 36 години.
Но, постои едно ,, но“ ! Омер Сефедин неколку години од својот прекраток живот го поминал на служба во Велес.
Читајќи го неговиот Дневник, кој го пишувал за цело време на неговото службување, доаѓаме до прекрасни описи на Велес, испреплетени со судбината на младиот човек кој немирно припаѓа тука додека е многу далеку со мислите. Далеку, пред годините и настаните, Омер својата мисија ја започнува токму од Велес. Оттука тргнува во големата авантура со Кемал Мустафа и другите големи визионери, кои ја одсонуваа големата Младотурска револуција.
Не само револуционерната надградба, ами и мисловната, културна и естетска појава на Сефедин во модерна Турција не прави горди Велешани.
Ние го имаме Џинот, Главинов и Рацин, великаните на македонската преродба, национална и литературна. Тоа се безвременски појави и траат вечно , додека трае памтењето. Истото се случува и со Омер Сефедин, кој бил ,,наш“ некое време. Го дишел истиот велешки воздух и ја пиел водата од Вардар. Можеби токму тука созреал во еден турски ,,Блаже Конески“ и ги срочил правилата на модерниот, литературен турски јазик.
Убаво е кога ќе прочиташ и дознаеш дека еден таков човек чекорел пред тебе по сокаците на Велес, кога знаеш што тој направил за својот народ, за својата татковина. Веројатно, многумина во Турција тоа го знаат, но треба и ние ,тука , во Велес и во Македонија да го знаеме.
Ќазим Фикри Озалп
Во Велес е роден и еден од најголемите војници на модерна Турција, воедно Народен херој на Република Турција, Претседател на Собранието на Република Турција – Ќазим Фикри Озалп.
Истражувајќи дојдов до сознание дека денес во Велес не постојат потомци на фамилијата Озалп, а не најдов и било какви документи за овој наш сограѓанин. Интелектуалец, војник и политичар, Ќазим Озалп ( Kazim Ozalp) е роден 1882 година во градот Велес (Ќупурли), Македонија. Починат е на 6 јуни 1968 година. Тој е едно од водечките имиња во војна за независност на Турција. Завршил воена школа, дипломирал на воената академија во Солун во 1905 година. Бил соученик, другар и пријател со Мустафа Кемал, водачот на Младотурската револуција и заедно со него ја одсонувал идеата која Турција ја вброила во модерните и големи светски држави.
Бил Претседател на Собранието на Република Турција во 1923 година. Како млад служел воен рок во Солун. Додека бил таму влегол во друштво на приврзаниците на Унијата за напредок. Во март 1909 година за да се потиснат немирите заминува во Истанбул . Во 1914 година се бори со Русите на источниот фронт во текот на Првата световна војна. Благодарејќи на успехот на бојното поле во 1915 година, бил унапреден во полковник во 1917 година. Војна за независност започнала во 1919 година, а како претставник на Комитетот бил назначен за Командант на северниот фронт.
Влегол во Парламентот како член со два мандата, а во 1921 година бил назначен за Командант со вонредни овластувања на Измит- Кочаели регионот.
Унапреден е во бригаден генерал во септември 1921 година и токму тогаш, по само неколку месеци, попрецизно на крајот на годината го оставил командниот кор за да премине во Министерството за одбрана веќе во јануари 1922 година . Истата година станал генерал полковник. Четири години подоцна веќе бил генерал со четири ѕвезди додека се пензионирал пет годин подоцна.
Долго време бил член на Парламентот на Република Турција. Се повлекол од политичкиот живот во 1954 година. Помеѓу 1935-1939 година работел како Министер за национална одбрана по втор пат. Му бил десна рака на Мустафа Кемал Ататурк и негов советник за воени прашања. Тој оставил пишани документи во вид на Мемоари. Од нив дознаваме дека тој бил горд што е роден во Македонија и во Велес и тоа го потенцирал неколку пати во своите говори и настапи во Парламентот на Република Турција. Поради историските не-прилики не успеал повторно, на постари години да го посети Велес, за што oсобено жалел.
Овој истакнат војник и велешанец беше претставен и во турската ТВ серија ,,Далеку од дома“, која се емитуваше на ТВ Сител.
Дел од материјалот за овој наш истакнат сограѓанин е добиен од покојниот Мустафа Берикетли, осведочен пријател на Велес и на Македонија исто така роден во Велес во 1941 година, тука се школувал и во учебната 1952/3 година се запишал во Велешката гимназија. Наредната година заедно со фамилијата се преселил во Истанбул. По завршување на Гимназија долго време работел во трговијата, особено во трговија со производство на злато. Во 1964 година студира во Хајделберг во Германија, каде што работел до 1977 година.
Мустафа Берикетли
Беше истакнат член на заедницата во Адалар, општина во Истамбул. Во неколку наврати тој беше и советник во Општина Адалар наречена Принцови острови. Учествувал во многу проекти за унапредувањето на турско-македонските односи, а особено се залагаше за воспоставување на врски и соработка меѓу Турците кои заминале од Македонија и нивната „матична земја Македонија“. Тој во 2014 годна беше иницијатор за збратимување на Општина Велес и Општина Адалар, во Истамбул.
Мустафа Берикетли беше мој личен пријател, но и пријател на многу македонски историчари, бизнисмени и политичари. Постојано трагаше и пишуваше за заеднички моменти и случувања од турско – македонската историја. Иако го нема поодамна, зад него останаа повеќе написи, истражувања и пишувања за Велес, а се оствари и неговата визија за изградбата на паркот „Каршијака“ и поставувањето на споменикот на Мустафа Кемал Ататурк во Велес, што за жал не го дочека
Генералите: Хамди Бег – велешанецот, Ахмед Фаик паша – Чолак и Мехмет Рифат – Вардар
Неправедно би било да не ги споменеме и останатите херои на Република Турција кои се родени во Велес и се дел од модерната турска историја. Тоа се генералите Хамди Бег – велешанецот, херојот кој не збратими со Бига, потоа Ахмед Фаик паша -Чолак , слободниот ѕидар и голем интелектуалец, турски генерал загинат во борбите на Кафказ во 1916 година. Исто така Мехмет Рифат – Вардар, политичар и интелектуалец, потоа Капетан Јахја по чиј профил е работен еден од ликовите во серијалот ,,Далеку од дома“, па Мехмет Шакир Кесебир, политичар, гувернер и интелектуалец. За Шериф Илден ќе кажеме дека бил војник, дипломат и гувернер во неколку мандати. Сите тие се родени велешани.
Капетан Јахја, Мехмет Шакир Кесебир и Шериф Илден
Ако не за друго, барем за себе – да бидеме горди со мостовите на Велес, со луѓето кои не поврзаа со вековите и историјата на Турција.
Велес е град кој не може да не се сака, особено ако си роден во него.
Љупчо Данов