Стари велешки семејства: Драган со прекар „Гушето“ потомок на Тодорови
Семејството Тодорови е едно од најстарите велешки семејства. Според запишаното во старите турските тевтери, по освојување на Калето веднаш над манастирот „Свети Димитрија“ каде што тогаш се наоѓал Стар Велес, од страна на Турците, поголем број од жителите се отселиле на разни места. Едни се населиле во реонот на Долни Град, други покрај мостот што Турците го изградиле, во близина на денешниот Стар мост, а трети побегнале кон запад и го формирале селото Стари Град како и во другите села.
Семејството Тодорови засолниште нашле во близина на мостот на Вардар. Турските власти за да си обезбедат луѓе кои ќе се грижат за мостот дале „изим“ на десет христијански семејства и десет турски да го чуваат мостот. Тие биле задолжени да го „вардат“ мостот да биде безбеден, да земаат мостарина, а вршеле поправки и дење и ноќе „варделе“ зулумчари да не го оштетат мостот. Биле ослободени од одење војска и не плаќале данок. Едно од христијанските семејства било и семејството на Тодорови. Како се викале, колку години биле чувари на мостот, потомците на семејството Тодоровски, не знаат. Ни рекоа дека можеби некој пра „чукун“ дедо бил нивниот корен кој живеел пред повеќе векови.
Драган Тодоров- Гушето, денес е најстар член на семејството. Се сеќава на неговиот дедо, баба, татко, мајка и другите најблиски. За постарите нема податоци. Малку беше изненаден кога му го кажавме овој дел од историјата на неговото семејство.
Ѓорѓи Тодоров со другари
„Горд сум што корените на моето семејство биле толку многу стари и дека одсекогаш сме биле жители на Велес.Според кажувањата на татко ми и дедо ми, Тодор Тодоров, бил почитуван и богат човек. Бил чивчија. Имал земја, лозја, афион, вино и ракија и имал многу пари. Во Велес го познавале сите како чесен човек. Со „фута“ пари навечер носел дома. Им помагал на сиромашните. Покрај пијалок им купувал и леб, а на најбедните и облека. Роден е 1870 година. Се оженил на триесетина години, со убавата Ариклија. Која била и од која фамилија,од која вера и од каде била, ни татко ми ниту мајка ми не ми кажаа. Дали била Влаинка или Гркинка не знам, но, знам дека била страга жена. Зборувала нашински, македонски. Дедо со баба ми Ариклија имал три деца. Синовите Ордан, татко ми Ѓорѓи и ќерката, тетка ми Родна. Првата куќа им била недалеку од училиштето „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, покрај Вардар. И покрај големото богатство Тодор и Ариклија набргу станале несреќни. Најстариот син Ордан заминал за Бугарија и никогаш ни глас ни трага не му нашле. И денес ние немаме никакво сознание дали нашиот чичко оставил семејство и каде му е гробот.Татко ми Ѓорѓи е роден 1905 година. Тој живеел со дедо и баба. По пет години, во 1910 година, починал татко му Тодор. Ѓорѓи останал сирак. Од жал, богатото семејство Ванови го зеле кај себе да чиракува. Му давале храна, облека, но, парите не му ги давале туку му ги чувале. Тетка ми Родна се омажила. Татко живеел со мајката Аркадија, а егзистирале од работата на мајка му која плетела и продавала чорапи. Несреќата продолжила. Им се запалила куќата. Соседите им помогнале да го изгаснат оганот. Им останал само средниот дел па така изгорениот дел од едната страна им го зеле едните, а другиот дел, другите комшии и си направиле дворови. Кога татко ми наполнил триесетина години и кога решил да се жени, Вановци му ги дале сите пари во лири, што му ги чувале. Со тие пари и со парите на мајка му Ариклија, што ги печалела од продадените чорапи, Ѓорѓи и рекол дека сака да си купат друга куќа кај Црна Џамија. Така и направиле. На постари години Ѓорѓи се оженил за Богда Пинталева, од татко Борис и од мајка Руса. Борис и Руса, покрај убавата Богда имале уште три деца Јован, Слоботка и Цанда. Борис бил многу богат. Убава куќа имале во маалото Дворови, веднаш зад рампата на железничката линија за Гевгелија, до малата галарија на пругата за Штип. Борис имал кафана во чаршијата. Била голема и можела да собере стотина гости. Таа била собиралиште на напредните младинци во Велес. Покрај кафеана имал и десетина декари лозје од кое сам си правел вино и ракија што ги продавал во кафеаната. Во Велес го познавале сите како чесен човек. Им помагал на сиромасите, им давал пари и храна. Во работата му помагал неговиот син Јове. Јове бил многу убаво момче. Кога нараснал се заљубил во убавата Гена. И Борис и Руса сакале Гена да им биде снаа, но судбината си поиграла. Се разболела од туберколоза и по кратко време починала. Јове не можел да ја преболи саканата. Се повлекол. Не одел никаде. Тагувал. Утеха барал во ракијата. По една година и тој починал. Судбината сакала Јове да биде закопан веднаш до гробот на неговата сакана Гена во црквата „Свети Пантелејмон“. Цел град зборувал:„ Ако не можеа да бидат заедно додека беа живи сега, по смртта, се заедно!“. Вујко ми и вујна ми многу тагува. Од сите мене најмногу ме сакаа. Како нивно дете бев. Цанда се омажи среќно. Но тагата за синот остана во душата на Борис и Родна.“, ни рече Драган, син на Ѓорѓија.
Откако си ги среди мислите Драган тивко продолжи:
Богдана и Ѓорѓи Тодорови
„Татко ми и по преселувањето во новата куќа кај Црна Џамија останал да работи кај Вановци каде што го усовршил стакларскиот занает. За време на СХС се раѓа брат ми Благој, потоа јас и на крајот најмалиот брат Јован. Кога спечалил пари татко отворил бакалница во куќата. Сите го викале „Ѓорѓи бакалчето“. Бил многу добар човек. Нашата куќа била собиралиште на напредните велешани. За време на Народната Револуција таа била место каде што се криеа илегалци. Така тука од бугарскиот окупатор се криеале Крсте Црвенковски, Седат Вели, Панче Пешев и други. Панче Пешев бил цел еден месец болен па мајка ми Богдана го негувала. Инаку, мајка ми била позната „терзиица“. Секој ден кај неа доаѓале Македонки и Турчинки, кои сеуште ги имало во овој дел на Велес. Татко ми бил учесник во НОВ. Со Осмата ударна велешка бригада учествува во ослободувањето на градот“, додаде Драган.
По ослободувањето Ѓорѓи ја затворил бакалницата. Тогашните власти го назначиле за директор на трговското претпријатие „9 Ноември“. Работеле успешно. За време на Инфорбирото Ѓорѓи морал да замине на пат. Од Белград, по телефон, му се јавил на неговиот заменик за да праша како е состојбата во фирмата. Тој му рекол:„Ѓорѓи ако сакаш да си ја видиш жената и децата дојди си ноќе зашто полицијата те бара под дрво и камен!“. Ѓорѓи се зачудил, но, го послушал. Си дошол навечер, но утрината сам отишол во полиција. Ни едно ни две полицијата го затворила. Во затвор останал педесет и два дена. Ништо не му кажувале зошто е затворен. Последниот ден му дале бел лист и молив и му рекле да напише се што знае за себе. Откако напишал, рано, наредниот ден, началникот го прочитал и му рекол.:„Ѓорѓи слободен си. Оди си дома. Но, бидејќи си небричен не чини ваков да те видат. Оди си приквечер“. Ѓорѓи така и направил. На Стар мост го сретнал еден негов пријател и го прашал: „Ѓорѓи зошто бе те затворија?“. Ѓорѓи му рекол:„Незнам, ако знаеш ти и јас ќе знам!“, и си заминал.
Работилницата за стакло на семејството Ванови, кај Стар Мост
Тогашните власти пак му понудиле да биде директор но, тој одбил. Се вработил во Пелагонија, а потоа и во Бетон како стаклар, занаетот што го научил кај Вановци. Местел стакло по новите згради, во оранжериите во Богданци, Негорци, Градско и на други места. Работел се до пензионирање. Починал во 1991 година, а неговата жена Богда починала четири години подоцна.
Најстариот син Благој завршил за санитарен испектор. Се оженил со наставничката Марионка Нецинова. Благој e починт. Зад себе ја оставил својата жена и двата сина Ѓоре и Саше.
Драган завршил Економски факултет. Најнапред работел во Општинскиот синдикат, а потоа осум години како комерцијален директор во керамичката индустрија „Киро Ќучук“. Деветнаесет години бил директор на „Југобанка“. Се жени со Румена Павлова и имаат два сина Бојан, кој завршил Електро машински факултет и сега живее во Канада додека Тодор, дипломира на Правен факултет и работи како адвокат. Во млади години Драган – Гуше бил познат фудбалер и бил омилен кај младите во Велес.
„Во знак на голема благодарност кон фамилијата Ванови татко ми имињата на неговите синови ги ставил по имињата на синовите на ова старо велешко семејство. Така според името на познатиот Бојчо Ванов најстариот син на Ѓорѓи го носи името Благој, јас сум крстен во ќест на Драган Ванов, додека брат ми Јове екрстен според името на Ване Ванов. Така татко ми, на најубав начин, им се заблагодарил на семејството Ванови“, рече на крајот од разговорот Драган Тодоров.
Семејна фотографија на Тодорови, браќата Благој, Драган и Јове со сопругите, таткото Ѓорѓи и мајката Богдана со внуци