Градоначалник Коцевски: Владата обезбеди половина од финансиските средства за Затворен градски пазар во Велес
Со 40 милиони денари државата ќе учествува во изградбата на затворениот градски пазар. Тоа е половина од потребните средстава според подготвениот проект на Општина Велес. Точно 82 милиони денари чини изведбата на овој проект. Според градоначалникот Аце Коцевски, одлуката Владата ја донела на последната седница. Остатокот од потребните финансиски средства ќе се обезбедат од продажба на дуќаните и евентуално од други проекти.
-Проект има. Некој работи кои не ни се допаѓаат планираме да ги промениме со измени во тек на градба и законски дозволена постапка. Во моментов се води постапка пред државните органи за статусот на земјиштето. Во текот на претходниот мандатен период од страна на ЈКП „Дервен“ земјиштето било отстапено на државата. Сега треба државата да го врати назад за да можее да си издадеме одобрение за градба. Се надевам дека зимава тоа ќе го реализираме и кога ќе почне пролетта ќе можеме да започнеме со градба, рече Коцевски.
Тој додаде дека во меѓувреме ќе биде објавен повик за продажба на деловниот простор за да се овозможи прибирање на потребните средства за изградба на Покриен Градски пазар. Објектот ќе се гради во фази за да биде готов на крајот на 2020 година.
Изведбата на објектот ќе се реализира прво на еден дел, на горниот или на долниот дел, со тоа што потребата на граѓаните од пазар нема да биде ускратена. Доколку е потребно за продажба на производи и пазарење од страна на велешани во стариот дел на градот ќе се стави на располагање и паркинг просторот покрај река Вардар.
Државата обезбеди финансиски средства во висина од 26 милиони евра, преку заем, што ќе ја овозможат изградбата на нов паралелен цевковод во должина од приближно 17 километри наменет за наводнување на 4 илјади хектари земјоделски површини и за изградба на три мали хидроцентрали. Дел од средствата ќе се користат и за изградба на секундарна мреже во должина од 192 километри со инсталирање на 1.400 хидранти за наводнување.
– Проектот е од огромно значење за Општина Велес и Општина Чашка, додаде Коцевски.
Тој на денешната прес конференција информираше и средствата што Општина Велес ќе ги добие од Владата која преку задолжување ги обезбедила од Меѓународната банка за обнова и развој, како дел од Светска банка, за изградба на улици и локални патишта. Станува збор за вкупно еден милион и 900 илјади денари преку изработени проекти преку Министерство за транспорт и врски, наменети за изградба на улици во Индустриска зона УЗУС, за асфалтиран пат од Долно до Горно Караслари, за патот до село Новачани, за улици во новиот комплекс Велсити кај Касарната во градот, за реконструкција на патот Велес – Дорутовец – Чолошово, за нов пат што ќе го поврзува Прцорек со Спомен Костурница, за асфалтирање на сообраќајници на Езеро Младост, за улица и пат во Горно Оризари и за асфалтирање на пат до село Сопот./У.Ј