Крлев: „Инвестициска хипокризија на локалната власт“
ОК на ВМРО ДПМНЕ во Велес денеска ја праша локалната власт предводена од СДСМ до кога „ќе верува во сопствените лаги со уверување дека велешани не се свесни за хипокризијата која им ја пласираат?“ Потсетувајќи ги на ветениот инвестициски бум, кој тенденциозно го најавувала СДСМ во локалната стратегија „За подобар живот“ од опозициската партија констатираат дека за жал останало само празно ветување на хартија, кое бледее.
– До кога наместо нови странски инвестиции во индустриските зони „Речани“, „Узус“, „Караслари“, „Порцеланка“ и „Мамутчево“ во кои ќе се вработуваат велешани, институциите ќе ги полните со партиски кадри и послушници. До кога ќе ја продолжувате тенденцијата на превработеност во ЈКП „Дервен“? За жал, последната поголема инвестиција која му се случи на градот е отворањето на германската фабрика „Маркарт“ во која многу семејства ја обезбедуваат својата егзистенција. Но за потсетување, Маркарт се отвори во времето кога Општина Велес ја водеше градоначалник и советничко мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ. Во истиот тој период која ВМРО беше на власт се отворија и другите фабрики во кои се вработени многу велешани: „ Дрекслер Мајер“, „Ван Хол“, „Џонсон Мети“ и др“, рече Златко Крлев претседател на комисијата за економија на ОК Велес.
Тој ги праша политичките опоненти што тие направиле, како ќе излегле пред велешани и со кои аргументи за инвестиции што не постојат, ќе им кажувале дека ќе можеле да ги водат по прав пат?
– Целата надеж на велешани беше во вицепремиерот Анѓушев, кој наместо да се заложи да го развие економски својот град, остави пустош во него, бетонирајќи ја својата монополска позиција во градот, а за воља на вистината и во државата со измени на законите за тргување и производство на електрична енергија. Додека Анѓушев користејќи ја својата позиција, за една година печали милионски суми на пари, граѓаните на Велес се сведоци на се поголем број затворени фирми и енормно иселување од градот, град кој беше познат по развојот и индустријата, додаде Крлев.
Од ОК на ВМРО ДПМНЕ сметаат дека и локалната власт не била загрижена за загубата на луѓе кои евентуално би влегле во инвестиции како и за немањето на еден проект за подобрување на инфраструктурата и условите за работа на фирмите, кои покрај купување на социјалниот мир преку вработувањата, како даночни обврзници го полнеле буџетот на општината. како даночни обврзници. Локалната опозиција констатира дека токму поради ваквите политики немало надеж за подобрување на ситуацијата во реалниот сектор, ниту пак очекување за зголемен прилив на средства во општинската каса за сервисирање на услугите на граѓаните. /У.Ј