Непознати факти за градскиот Саат во Велес
Да се пишува за Велес и неговата историја од толку голема временска дистанца значи да се изнајдат релевантни, вистинити и пред се нови архивски извори и документи. Повеќето од нив се достапни од извори од турските архиви. Но, верувајте, постојат илјадници документи кои се однесуваат на Македонија, а само дел на Велес и неговата историја.
Овој текст настана како резултат на истражувањата на делото на еден турски архитект, познат како Аџи Хусреф, градител на бројни џамии, меџлиси, но и мостови, кули и објекти како касарни, баждарници, згради за државната администрација итн.
Во средината на 17 век Велес, според пописите, имал околу 2000 куќи и нешто околу 4000 жители. Бил заграден со ѕидови. На повеќе места имало порти преку кои се контролирал влезот на луѓе и стока во градот.
Се споменува дека Велес тогаш имал две кули – стражарници, од која едната е денешната Саат кула, а другата се наоѓала над денешната бензинска пумпа на „Лук оил“, под велешката спомен костурница, на патот кон Штип. Тука имало дрвен ѕид и порта која навечер се затворала.
Од турски извори се наведува дека тоа било направено поради многуте упади на пљачкашки банди, со кои тогашната турска власт дури и не можела да се справи.
Има податоци што кажуваат дека на ридовите околу Велес е направена ,,сеча“ на шумскиот појас за да може да се контролира дали разбојници влегуваат преку шумата во градот.
Според турски извори денешната саат кула е подигната околу 1670 година, по нацрт на познат турски архитект Аџи Хусреф , кој бил донесен од Цариград од страна на Фазил Ахмед паша, тогашен голем везир на Турција, иначе роден во Велес ( тогаш Ќупурли). Тој ја изградил и познатата Паша џамија ( Црна џамија).
Местоположбата на кулите е практично одбрана, на врвот на височинки кои доминираат над двете влезни улици кон градот, од исток и север.
Од турски извори исто дознаваме дека кулите имале квадратна основа, околу 6 на 6 м, а висината била 20 метри. Кулите имале по два спрата поврзани со лествици. На првиот спрат имало по 3 пушкарници на секоја страна, а на горниот дел и две помали топчиња. Посадата имала, во една смена, по 8 стражари и тоа 4 стрелци и 4 топџии. На врвот на кулата имало сад за оган кој се палел за сигнализација, кога имало некаква опасност. Во случај на опасност се палеле и фрлале надолу бали замотан валовец ( сува трава), која горејќи го осветлувала теренот и ги одвраќала напаѓачите.Овој начин бил применуван не само во Велес, туку и во поголем број градови во тогашното царство.
Ова всушност бил стандард или репер по кој се граделе кулите во империјата во тој период, кој се покажал многу успешен.
Стар Велес во тоа време бил изграден до таму што денешната Саат кула била крајната точка на северниот дел на Велес. Од кулата се набљудувал и се контролирал пристапниот пат кон градот, а веројатно се наплаќала и баждарина. Исто така кулата со своите топови ја контролирала и реката како и мостовите.
На кулата, според турски извори, биле поставувани на колци и главите на разбојници или ајдуци, кои биле фатени и обезглавени на пазарот, а подоцна на Стар мост.
На Стар мост е обезглавен од страна на јаничарите и Охридскиот архиепископ Варлаам. Тој според турците спремал востание против Султанот и турската држава.
Кулата имала посада со околу 50 – тина стражари, а подоцна е изградена и жандармериска станица под саатот. Ова зграда била троспратна и во приземјето имала канцеларии, на спратот живееле жандарите додека офицерите на последниот спрат.
Оваа зграда се гледа на неколку фотографии, а според кажувањата срушена е по 1915 година, односно во Првата световна војна.
Првобитната кула на саатот била доградена во средината на 18 век и претворена во Градски саат, по урнекот на повеќе градови во турската држава.
Според кажувања на стари велешани првата камбана и саатниот механизам на Градскиот саат , кој бил германски и бил донесен од Виена, го украле однеле бугарските војнци за денес камбаната да се наоѓа во една црква во Бугарија.
Интересни се кажувањата дека при завземањето на Велес за време на Првата балканска војна и Првата светска војна на српските топчии строго им било забрането да ја гаѓаат саат кулата, па на една слика може да се види дека сите куќи околу саатот биле разрушени но не и кулата саат! За таквата прецизност неколкумина артиљерци добиле и медали. Овие информации се од српски извори.
За време на бомбардирањата на 7 и 9 април 1941 година, саатот не е погоден , а при ослободувањето на Велес на 9 Ноември 1944 година таму имало митролеско гнездо на германската војска и при нападот е делумно оштетен. Во таа борба околу саатот загинале и неколку партизани – ослободители на Велес.
Кога ме прашуваат кој се симболите на Велес, секогаш кажувам дека тоа се: Стар мост, Малото мовче и секако, Градскиот саат, кој успеал да ги издржи вековите кои ,, легнале, та натежнале“ на неговите камени ѕидови.
Нека ни е вечен…
Љупчо Данов