Реконструиран покривот на Здравствен дом во Велес, со средства на јавната установа
Како вработените така и пациентите кои имаат административни потреби веќе нема да имаат проблеми при посетата на Здравствениот дом во Велес, кога врне дожд или во зима со снег. Јавната здравствена установа го смени покривот од стари и дотраени азбесно цементни табли, околу седумдесетина години. Освен ризикот по здравјето исто така решен е сериозен проблем со прокиснувањето на објектот бидејќи опасните канцерогени материјали од кои беа направени старите се заменивме со нови табли, изработени од еколошки материјали.
Покривот на Здравствен дом во текот на реконструкцијата
– Покривот со површина од близу 1.000 м2 целосно го реконструиравме со поставување на материјали кои обезбедуваат водонепропустливост, систем за одводнување, топлинска и звучна изолација. Најзначајно е тоа што е направен од градежни материјали кои не се од азбест и не го загрозуваат здравјето на вработените и на пациентите, рече Никола Димовски, директор на ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Освен на главната зграда сменет со нови керамиди е и објектот гаражи. Инвестицијата чини 6 милиони денари или вкупно 100.000 евра.
-Продолживме со добрата практика на издвојување на финансиски средства од буџетот на Здравствениот дом. Исто како и проектот за реконструкција на зградата кој започна во август 2018 година и тоа со реконструкција на делот во кој е сместена Итната медицинска помош. Продолживме со реновирање на внатрешноста на зградата кога за прв пат поставивме и лифт со цел да го олесниме пристапот во институцијата за користење на потребните здравствени услуги особено за граѓаните со физичка попреченост. Би додал дека со чесен однос кон граѓаните или даночните обврзници и со домаќинско работење може да се направи многу како во подигнувањето на квалитетот на здравствените услуги така и воопшто на животот, додаде Димовски.
Вкупниот износ на сите реализирани проекти во изминатите две години изнесува 14 милиони денари или 230 илјади евра што Здравствениот дом ги издвои од сопствениот буџет.
Исто така, оваа јавна здравствена институција, преку донации обезбеди возила, дел од новата опрема, медицински предмети, помагала и други реквизити. Двете помали возила за Брза помош преку проект ги обезбеди од јапонска амбасада додека дел од опремата од Ротари клуб Велес и граѓанската организација „Алма“ од Алзас, Република Франција.
Директорот Димовски планира и во 2020 годинава реализација на неколку проекти како што се комплетно реновирање на одделите за Школската медицина и на Лабораторија која ќе биде опремена со нов биохемиски анализатор. Дипломираниот Биохемичар е вратен од специјализација и сега се разгледува опцијата за воведување на нови лабораториски испитувања што кога би се вршеле во Велес тогаш граѓаните не ќе треба да патуваат во Скопје. За годинава планирани се и нови вработувања на стручен кадар за да се овозможи побрза и поквалитетна услуга за граѓаните во Велес, Градско и Чашка./У.Ј