Велес има потреба од локална Банка за храна
По двегодишни разговори и преговори на градоначалникот Аце Коцевски и претседателот на Советот на општина Велес, Ненад Коциќ со претседателот на Банка за храна на Македонија, Душко Христов денеска се случи и првата средба на која претставници на граѓанскиот сектор, членови на Советот, директори на институции кои подготвуваат храна, донатори, локалната администрација и Центарот за социјални работи во Велес разговараа за потребата од формирање на локална Банка за храна.
Тоа е бранша што би била дел од Банката за храна на Македонија која обезбедува храна за граѓани што западнале во социјален ризик. Храната ја донираат донатори или пак се собира од граѓани низ волонтерски акции и активности. Потоа се пакува и распределува на граѓани на кои им е неопходно потребна храна, спакувана во пакети.
Локални банки за храна веќе функционираат во општините Центар и Кавадарци, штом се формира во Велес таа ќе биде трета во државата.
-Формирањето на локални банки за храна ќе ни овозможи формирање на Федерација со што ќе можеме да им помогнеме на локалните партнер граѓански организации како Хаус оф хоуп и Фондација за локален развој и демократија Фокус од Велес, на Еко живот во Кавадарци и други низ Македонија кои во рамки на Коалицијата ВСС ефект се наши силни сојузници од една и од друга страна администрација за банкарството за храна во Македонија, рече Душко Христов.
Присутните на состанокот дадоа поддршка и во исто време побараа од градоначалникот и Советот на Општина Велес да обезбеди простор за складирање и пакување на донираната храна како и по можност возило за дистрибуција до крајните корисници.
-Веднаш по поднесувањето, барањето на Банката за храна ќе биде ставено на дневен ред на седница на Советот на Општина Велес. Тоа е многу потребно за граѓаните, затоа што за жал имаме граѓани кои секојдневно имаат потреба од оброци од една а од друга страна се согласувам дека големи количини на храна се фрлаат како отпад на депонија. Тоа е срам и грев . Наша обврска е да ги институционализираме и организираме работите со помош на овие прекрасни организации да ја насочиме храната кон граѓаните на кои им е повеќе од потребна, додаде претседателот на Советот на општина Велес Ненад Коциќ.
Сега Советот треба да расправа и да определи просторија со минимум услови за да може да профункционира локалната Банка за храна и во Велес./У.Ј