Здравковски: Лага се тврдењата на СДСМ дека социјалната помош се зголемила за 300% и сто пати повторената лага не може да стане вистина
Смислено и тенденциозно продолжува пласираањето на лаги и дезинформации, со злоупотреба на најранливите категории на граѓани, од страна на СДСМ дека социјалната помош се зголемила за 300%, смета ОК на ВМРО ДПМНЕ во Велес. На денешната прес конференција претседателот Игор Здравковски излезе со податоци кои произлегуваат од Законот за социјална заштита и се поврзани со социјалните помошти што се спротивни на државните, соопштени од Министерството за труд и социјална политика.
Според Здравковски,со Законот за социјална заштита од 2019 година, износот на ниту едно право на парична помош од социјална заштита што предходно се користело не е покачен.
-Вистината е дека со овој закон некои права целосно се укинаа,како што се правата на мобилност, слепило и глувост, правото на паричен додаток за студирање на децата без родители и без родителска грижа, некои само се преименуваа, како што е постојаната парична помош за стари лица над 65 годишна возраст која стана социјална пензија, а некои се останати исти, но се намали висината на правото. Месечниот износ на минималната помош што сега граѓанинот може да ја оствари е 4000,00 денари а месечниот износ на максималната помош што тој и сите членови на неговото семејство можат да ја остварат е 12000,00 денари, но речиси и да нема таков корисник. Дури тој и сите други членови на неговото семејство да ги користат истовремено сите права кои што се предвидени со овој закон, ниту можат ниту смеат да ја надминат сумата од 12000,00 денари, рече Здравковски.
Правејќи споредба со законското решение, во времето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ констатираше немало ограничување на горната граница на износот на социјалните права и секој граѓанин ги користел сите предвидени права ако ги исполнувал условите пропишани со законот како што биле правото граѓанин со навршени 26 години и исполнети услови пропишани со законот да користи паричен надоместок за мобилност од 7000,00 денари, паричен надоместок за слепило од 7000,00 денари и паричен надоместок за глувост од 4000,00 денари без ограничување дали ќе ги користи едно, две или сите 3 права истовремено.
– Ако некој ги користеше сите три права истовремено можеше да користи 18.000,00 денари. Со законот од 2019 година овие 3 права се укинаа а се воведе едно ново, право на надоместок заради попреченост, во висина од максимални 7.000,00 денари. Дополнително, во делот на социјална парична помош, корисниците претходно земаа додаток за електрична енергија, додаток за средно образование на децата на корисниците на социјална парична помош, и кога сето тоа ќе се ставеше во едно купче, се добиваше сума некогаш и поголема од 12.000 денари. Сега, сите овие права се влезени под едно право, на социјална парична помош и вкупниот збир на средства е ист, само што постои спојување односно пренамена на правата и преименување во едно право за користење на социјална помош, додаде Здравковски.
Тој како пример посочи случај ,од пред 7 години, кога корисник на социјална парична помош на име социјална помош земал 6.000 денари, за електрична енергија 700 денари и за три деца средношколци 3.000 денари, со што се доаѓа до вкупна сума од околу 10.000 денари. Според Здравковски за последните 7 години доколку истиот корисник ги остварувал истите права и би земал максимални 12000 денари, тогаш покачувањето изнесува 12% а не 300% како што кажувала власта.
-За да биде ситуацијата потрагична, се ограничи возраста до која може да се поднесе барање за остварување на ова право до 65 години. Имено, ако предходно секој граѓанин со навршени 26 години можеше да бара и ако ги исполнува условите да ги користи и сите 3 права истовремено, сега новото право на додаток за попреченост може да го бара и користи само до навршени 65 години. Ризикот едно лице да има проблеми со слухот, видот и со движењето не е само до 65 години, туку се зголемува колку е лицето постаро и трае се до крајот на неговиот живот, додаде Здравковски .
Според него вистина е, укинати права, намалени износи на постоечки права и дискриминирани граѓани преку воведување на апсурдни критериуми за остварување на истите./У.Ј