Колку и како семејствата во социјален ризик живеат во Велес, во Бузалково и во Горно Оризари од државната парична помош
Добиваат социјална помош што најчесто ја трошат за храна и не им остануваат пари за дрва и за плаќање на сметки за комуналии. Самохрани мајки живеат во изнајмени станови за кои плаќаат високи наемнини, помеѓу 5 и 6 илјади денари. Најголем број од примателите на државни социјални помошти се неписмени или завршиле основно училиште па не можат да најдат работно место. Овие резултати ги покажува теренското мапирање на граѓаните во социјален ризик, во Велес и во село Бузалково, што низ проектот „ Е-база на добро спакувани податоци за граѓани од социјално ранливи групи“ дојдоа двете граѓански организации „Хаус од фоуп – Ленче Здравкин“ и Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес.
Малубројни се граѓаните кои успеале да излезат од канџите на сиромаштијата одкако се вработиле и добиваат редовна плата. Но, нивното образование, најчесто со средна стручна спрема, им носи приход на минимална плата што повторно не е доволно за да се врзе првиот и последниот ден од тековниот месец.
-Мапирањето на граѓаните од социјално ранливите категории покажува и примери кога тие не можат да остварат право на топол оброк од државната народна кујна. Поради ограничениот број на оброци што се приготвуваат во Велес откриените нови случаи не можат да добијат ваков вид на државна помош а храната им е неопходно потребна. Откривме и случаи на лица кои сами живеат, болни се и им треба помош во лекови, во храна и во нега. Карактеристични се случаите со развиена форма на деменција и на склероза па и на психички болести, на кои им треба лекување во психијатриски болници. Повремено, за да им се подобри нивната здравствена состојба. Но и тие наидуваат на проблеми како што се лекари да не им дадат упат за Негорци па нивните најблиски, ако се вработени, се измачуваат, рече Ленче Здравкин.
Најкритична е состојбата на левата страна на градот, во населбите Рамина, Прцорек и околу Спомен костурницата каде живеат граѓани од ромска или турска заедница. Таму се најбројни граѓаните во чии куќи нема струја. Во стариот, централен дел на градот ваквите случаи се по малубројни. Но сепак постојат семејства на кои им е неопходно потребна помош и во новиот дел на градот. Во населеното место Бузалково има исто така приматели на социјална помош кои живеат во нехумани услови на живот, со деца но без бањи во домовите, без доволно храна и облека. Од исклучителна помош на двете граѓански организации е соработката на случајно сретнати граѓани на терен.
-Мапирањето треба да ни ја покаже вистинската слика на граѓани во социјален ризик во градот и во две населени места во општината, во Бузалково и во Горно Оризари. Сите собрани податоци ќе ги внесеме во електронска база која има цел да покаже начин на водење евиденција за сиромаштија, правична распределба на храна, облека, зависно од донациите што ќе се обезбедуваат. Овие помошти правично и редоследно да ги добиваат граѓаните. Да добие секој за да нема гладни луѓе а храната да завршува на депонија. Е- базата да им помогне на Центарот за социјални работи и на општината, која со децентрализацијата очекува трансфер на надлежностите од централно на локално ниво и во делот на социјалата. Секако прво овие податоци ќе ги добие Банката за храна на Македонија која го прифати нашиот проект. Генералната цел е да успееме со првите 200 семејства во општина Велес да ја ставиме во функција електронска база што потоа реовно ќе се ажурира со податоци кои пак ќе им помогнат и на граѓанските организации чија мисија и визија е помош на граѓаните во социјален ризик и да нема гладни луѓе, додаде Здравкин.
„Хаус оф хоуп – Ленче Здравкин“ и Фондација „Фокус“ мапирањето планираат да го завршат до крајот на месецов. Сите податоци да се внесат во е-базата и со поддржувачите и донаторите да одржат неколку акции за собирање и поделба на пакети со храна.
„ Е-база на добро спакувани податоци за граѓани од социјално ранливи групи“ е проект финансиран од В-С-С Ефект Банка за храна ,поддржан од Европската Унија преку ИПА програмата за граѓански организации и медиуми 2016 – 2017 година. /У.Ј