Васка Јаковлевска Самарџиева: „ТА „Атлантис“ не сака да ни го откаже патувањето за Барселона и покрај нашето барање да не префрли во наредна тура, штом заврши пандемијата на коронавирус“
Туристичката агенција „Атлантис“ условувала две велешанки да отпатуваат, денеска на 13 март, за Барселона во Шпанија и покрај прогласената пандемија на коронавирус. Васка Јаковлевска Самарџиева и нејзината пријателка Виолета Карамаркова деновиве не успеале да се докажат со агенцијата дека не тие туку „Атлантис“ треба да го откаже туристичкиот аражман поради опасноста по нивното здравје. И не само поради пандемијата туку и поради неисполнување на договорот кој, според Јаковлевска Самарџиева, наместо група од 25, била составена од 6 патници, за на крај да останат само двете велешанки.
Денеска вработени во туристичката агенција ни се заканија со чекирање на двата авионски билети на аеродромот во Скопје, рече Јаковлевска Самарџиева.
-Штом беше прогласена пандемија на коронавирусот, на 12 март, вчера, ние веднаш пуштивме писмен допис во кој побаравме од ТА „Атлантис“ да го откаже патувањето за Барселона поради ризикот по нашето здравје. Но тие ни вратија одговор и документи со кои бараа ние да се откажеме што според потпишаниот договор со нив значи дека ако во рок од 7 до 1 ден пред поаѓање тогаш ќе ни земат 90 отсто од нашите уплатени средства, додаде Јаковлевска Самарџиева.
Таа и нејзината пријателка лани на 4 ноември упатиле над 30 отсто од висината на аранжманот и доплатата до вкупниот износ од 69.000,00 денари што ја извршиле на 29 јануари, годинава. Тоа значи дека ние ќе добиевме само 6.900,00 денари, тврди Јаковлевска Самарџиева.
-Од „Атлантис“ на мејл добивме изјава што беше побарано да ја потпишеме. Во неа пишува: „Почитувани клиенти ако Атлантис има поднесено барање за откажување на вашето патување за пакет туристичкиот аранжман од 13 до 16 март 2020 година, поради коронавирус, откако се извршени уплатите за резервации ќе биде побарана отшета од државата.“ Ние не се сложивме туку останавме на ставот тие да го откажат аражманот со тоа што бевме фер и наместо да бараме да ни ги вратат парите побаравме да не префрлат за некое наредно патување за Барселона кога состојбата со пандемијата ќе биде ставена под контрола. Но тие упорно останаа на тоа ние да откажеме со цел да се примени точката 6 од договорот која дефинира дека од 1 до 7 дена пред поаѓање рефундираат 10 отсто од уплатата на аражманот. На тоа добивме одговор од вработените, кои и денеска не бараа на телефон, ако не се појавиме на аеродром во Скопје два часа пред летот тогаш тие наместо нас ќе ги чекирале авиобилетите, додаде Јаковлевска Самарџиева.
Таа додаде дека денеска упорно биле убедувани да отпатуваат за Барселона, на индивидуално патување, без водич но со препораки за остварување на контакти со локален преставник на агенцијата во градот што требаше двете велешанки да го посетат. Васка Јаковлевска Самарџиева и нејзината пријателка останаа на ставот дека нема да отпатуваат за Шпанија.
Откако Дума.мк контактираше со вработена во агенцијата и доби инструкции да напише мејл на менаџерот на адресата [email protected] денеска од него побаравме став поточно одговор на новинарските прашања: зошто наместо туристичката агенција е побарано од патничките Васка Јаковлевска Самарџиева и Васка Карамаркова да го откажат аражманот, што тоа значи согласно точка 6 од договорот на аражманот, како агенцијата ќе ги чекира авиобилетите во име на двете патнички и колкав бил вкупниот број на патници за овој аражман? До моментот на објавувањето на приказната одговор на поставените прашања од менаџерот не стигна./У.Ј